
Поради лошата продажба на значајниот германски пазар на автомобили, францускиот концерн отпушти една третина од вработените во централата во Келн. Дилерите стравуваат од повлекување на Peugeot и Citroen од пазарот.
Францускиот автомобилски концерн PSA Peugeot Citroen се соочува со драстичен пад во продажбата на германскиот пазар и отпушти 150 од вкупно 427 вработени лица во централата во Келн. Продажно-сервисната мрежа на марките Peugeot, Citroen и DS е планирана за продажба од 185.000 примероци годишно, односно за вкупен пазарен удел од 5,5 проценти. Тоа се премногу оптимистички цели, затоа што во минатата година трите марки, не вклучувајќи ги доставните возила, продадоа само 106.000 возила во Германија, што соодветствува на пазарен удел од само 3,5 проценти.
Бројот на вработени во Келн не е основниот проблем на францускиот концерн. Во централата во Париз повеќе се расположени да се откажат од острата битка на германскиот пазар и да се преориентираат на Кина, кадешто очекувањата на купувачите се неспоредливо помали.















