за

Кога марките ќе ги произведат последните автомобили со обичен мотор?

Браншата ита кон целосна електрификација и нема назад. Големи марки што очекувавме дека последни ќе се приклучат на бранот, сега сакаат да бидат први. Уште колку ќе се произведуваат автомобили со обичен мотор? Преглед

ЕУ планира во 2035 година да го спушти лимитот за емисијата на СО2 од автомобилите за 100 проценти. Тоа значи дека автомобилите не ќе смеат да испуштаат ниту грам СО2. Производителите можат да ги исполнат тие барања единствено со електрични автомобили.

Марката што требаше да биде последна, меѓу првите ќе се збогува со автомобилите со обичен погон. Луксузната марка Rolls-Royce пред десетина денови го најави својот прв електричен автомобил, Spectre, чијашто испорака ќе стартува кон крајот на 2023 година. Последниот автомобил со обичен мотор од марката што гордо ја прикажува фигурата на Емили на маската на ладилникот ќе биде произведен во 2030 година. Електричниот погон во британските крстосувачи од врвна класа ќе пристига од концернот BMW, кадешто припаѓа Rolls-Royce.

Volkswagen ќе ги произведе последните автомобили со мотор со внатрешно согорување меѓу 2033 и 2035 година. Новата стратегија „New Auto“ на концернот, со име што асоцира на „Das Auto“, има за цел да се постигне постепено преоѓање на VW од класичен производител на автомобили во компанија за мобилност, со бројни услуги што ќе се базираат врз примена на напреден софтвер. Во 2030 година, секој втор автомобил што ќе излезе од фабриките на концернот ширум светот ќе користи електромотор, а пет години пред тоа се планира VW да стане светски лидер во електромобилноста.

Светот на мобилноста ја доживува најголемата промена по преоѓањето од коњи на автомобили во почетокот на 20-от век

Концернот Volkswagen најдоцна до 2050 година ќе постигне целосна неутралност во поглед на емисијата на СО2 од возилата и од фабриките. Во 2030 година, 70 проценти од сите нови возила што Volkswagen ќе ги продаде во Европа ќе бидат чисто електрични возила. Според таа динамика, може да се очекува дека во периодот меѓу 2033 и 2035 година ќе бидат произведени последните автомобили на Volkswagen во коишто ќе работи мотор со внатрешно согорување. Постоечките бензински и дизел мотори ќе се приспособуваат за идните и построги еко-норми, како Euro 7, меѓутоа нема да се развиваат нови генерации мотори.

>>> Volkswagen ID.3 ја тестира електромобилноста во Македонија

Audi веќе објави точни датуми. По 2026 година, премиум марката на VW повеќе нема да развива модели што ќе користат мотори со внатрешно согорување. Тоа вклучува и модели со хибриден погон. Последниот нов модел со мотор со внатрешно согорување се верува дека ќе биде наследникот на Audi Q5. СУВ-моделот од средната класа ќе се продава до 2033 година и тоа ќе биде последен нов автомобил Audi со бензински, односно дизел мотор.

Audi Q4 e-tron Sportback
Audi Q4 e-tron Sportback

Во 2025 година, Audi ќе нуди 20 автомобили со чисто електричен погон. Најдостапен модел на Audi со електричен погон моментно е компактниот СУВ Audi Q4 e-tron, со техника од VW ID.3 и ID.4.

BMW отпочна со новата стратегија, по осум години од премиерата на i3, првиот комплетно нов електричен автомобил од германско производство. Во 2023 година, Баварците планираат во 90 проценти од постоечката моделска гама да нудат најмалку по еден чисто електричен модел. На крајот на деценијата, најмалку 50% од светската продажба на BMW ќе отпаѓа на електрични модели.

BMW планира на постоечките мотори со внатрешно согорување да им изврши темелна оптимизација, заради исполнување на нормата Euro 7. Оваа двојна стратегија е условена со тоа што во Минхен уште не можат со сигурност да утврдат кој погонски концепт повеќе ќе го бараат клиентите на BMW меѓу 2023 и 2035 година.

Mercedes пред две години ја претстави стратегијата „Ambition 2039“, којашто има за цел концернот да постигне целосна неутралност на возниот парк во поглед на емисијата на СО2 до 2039 година. До крајот на деценијава, Mercedes ќе ги покрие сите пазарни сегменти со модел со електричен погон. Возила со конвенционален погон ќе се нудат сé додека пазарите и мрежата од полначи не го достигнат нивото што ќе овозможи целосно преоѓање на електричен погон.

Дизајнерот на Mercedes-Benz, Славче Таневски, покрај најновата креација, концептот Mercedes-Maybach EQS, на салонот ИАА во Минхен

>>> Славче Таневски: „Убавината на мојата работа е што можам да ги менувам световите во кои се наоѓам“

Ford од средината на 2026 година ќе нуди најмалку по еден модел со приклучен хибриден или електричен погон во секоја своја моделска серија во Европа. По 2030 година, целата понуда од патнички возила на Ford во Европа ќе опфаќа само чисто електрични возила.

Kia ќе се раководи за крајниот датум во зависност од тоа како ќе се развиваат мрежата од полначи и интересот на купувачите. Корејците веќе располагаат со 800-волтна технологија за полнење на батеријата во своите електрични автомобили од новата генерација (Kia EV6), што овозможува исклучително кусо времетраење на полнењето. Конкретни податоци нема, меѓутоа менаџерите очекуваат дека во 2030 година најмалку 30% од продажбата на Kia во Европа ќе отпаѓа на возила со хибриден или чисто електричен погон.

Mazda им дава подеднакво значење и на моторите со внатрешно согорување со висока ефикасност (со електрификација) и на чисто електричниот погон. Јапонците се надеваат и на брз развој на синетичките горива, коишто исто така располагаат со голем потенцијал за намалување на емисијата на СО2. До 2030 година, едно од секое четири продадени возила на Mazda во Европа ќе користи чисто електричен погон, додека останатите возила ќе бидат делумно електрифицирани.

Mini од почетокот на следната деценија ќе продава само возила со погон на струја. Последниот нов модел со мотор со внатрешно согорување ќе биде претставен во 2025 година.

>>> Mini ја вози првата електрична тура низ Македонија (Дел 1)

Mini Cooper SE ја вози првата електрична тура низ Македонија (Дел 2)

Mitsubishi бележи голем интерес за возила со мотор со внатрешно согорување во ценовниот сегмент до 10.000 евра. Поради тоа, марката моментно не калкулира со конечен датум за престанок со производството на такви модели. Од друга страна постои голема побарувачка за моделите со приклучен хибриден погон во повисоките ценовни сегменти. Mitsubishi се грижи да им понуди комплетна услуга на своите клиенти, на пример со поставување електричен полнач во домот. Тие услуги ќе се збогатуваат во следните години.

Opel по 2028 година ќе нуди исклучиво автомобили со чисто електричен погон на европскиот пазар. Од крајот на годинава, германската марка во концернот Stellantis ќе има вкупно девет модели со електричен или хибриден погон во својата понуда. Следен чекор е сите модели по 2024 година да се нудат и во чисто електрична верзија. Кон средината на деценијата може да се очекува и ново издание на Manta, како електричен модел.

Opel-Mokka-e
Opel-Mokka-e

По 2030 година, повеќе од 80 проценти од моделите на Porsche ќе користат електричен или хибриден погон. Половината од понудата ќе биде електрифицирана веќе до средината на деценијава. Единствено култниот спортски модел 911 и во иднина ќе се нуди со мотор со внатрешно согорување, но тој ќе користи синтетичко гориво.

Уделот на електричните и хибридени автомобили во продажбата на Renault во Европа ќе се зголеми на 65 проценти до 2025 година, а потоа и на 90 проценти до 2030 година. Следната цел е комплетна неутралност во поглед на СО2 по 2040 година во Европа и по 2050 година во глобални рамки.

Skoda нема објавено датум за збогување со моторите со внатрешно согорување. До 2030 година, чисто електричните модели се очекува да учествуваат со 50 до 70 проценти во вкујпната продажба на марката во Европа.

Skoda Enyaq iV премиера

Концернот Stellantis (Peugeot, Fiat, Opel и др.) цели да ја освои водечката позиција во електромобилноста во светски рамки. За таа цел се вложуваат повеќе од 30 милијарди евра во погон и софтвер. Исто како Opel, француските марки Peugeot и Citroen планираат по 2028 година да продаваат само електрични возила. DS прв ќе направи таков потег уште во 2024 година. Две години подоцна следи Lancia, за во 2027 година да се придружи Alfa Romeo. За Fiat нема конкретни планови за збогување со обичните мотори во периодот меѓу 2025 и 2030 година.

>>> Електрично Peugeot e-208 го прошета цело Мариово

Стратегијата „Environmental Challenge“ на Toyota предвидува емисијата на СО2 што произлегува од производството, рециклирањето и од користењето на самите автомобили, до 2050 година да биде намалена за 90 проценти. Стратегијата го опфаќа и снабдувањето со енергија. Дизелите кај камионите ќе се заменат со водороден погон. Нема конкретни најави за збогување со моторите со внатрешно согорување, меѓутоа јапонскиот концерн презема чекори во сите свои подрачја на делување, за емисијата на СО2 да се намали или да се сведе на нула.

Lexus UX 300e
Lexus UX 300e

Volvo по 2030 година ќе нуди само чисто електрични автомобили. Во следната деценија, Швеѓаните не планираат да вградуваат ниту хибриден погон. Амбициозните планови на Volvo се базираат врз големата побарувачка за нивните електрични возила. До доведувањето на Euro 7 во 2025 година, уделот на чисто електрични возила ќе се зголеми на половина, а останатата половина ќе бидат приклучни хибриди.

Американскиот гигант General Motors најави дека по 2035 година ќе произведува само автомобили што не испуштаат СО2. Jaguar планира тој чекор да го направи дури една деценија порано, односно веќе во 2025 година.

>>> Тест на Seres 3 · СУВ од Кина, електричен и премиум

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Rivian ќе заработува од претплати за екстра функциите во возилата

Toyota пред 50 години го произведе првиот автомобил во Европа