Продажбата на ултралуксузни автомобили бележи вистински бум на европскиот пазар годинава. За Bentley, Ferrari и Lamborghini како да не постои криза во снабдувањето со чипови и останати делови, и нивниот сегмент напредува. Со тоа секако напредува и профитабилноста.
Продажбата на автомобили во егзотичните класи поразна за 11 проценти во првите осум месеци од 2022 година и достигна 10.789 примероци. Најпродаван модел во скапиот сегмент е екстремниот СУВ-модел Lamborghini Urus.
Италијанската марка постигнува пораст во време кога добива заострена конкуренција од премиум марките, како Maserati или Range Rover, коишто исто така со своите модели им се обраќаат на ултрабогатите клиенти во Европа.
Двоцифрениот пораст во сегментот е трет најголем пораст, во сите пазарни сегменти, во годината во којашто продажбата е значително намалена поради тесното грло во производството, што е предизвикано од кризата со испорака на полупроводници.
Тоа е воедно и единствениот сегмент чијшто раст не се должи на продажбата на електрични возила. Во двата сегменти што имаат најголем процентуален пораст меѓу сите 21 сегменти што го сочинуваат пазарот – кај луксузните лимузини и премиум СУВ моделите од средна класа – продажбата се зголемува главно поради воведувањето електрични модели.
Егзотичниот сегмент расте иако престана продажбата на Ferrari F8, трет најпродаван модел до август, којшто е заменет со 296 GTB, во сегментот што сочинува најголем дел од продажбата на италијанската марка. F8 беше пазарен лидер во сегментот во истиот период лани, а неодамна лансираниот 296 ќе мора допрво да надомести за паузата во генерациската смена.
Ferrari 296

Оваа смена направи Urus и второпласираниот Bentley Bentayga да го зафатат врвот во продажбата. Тие се единствените два СУВ-модели во Топ 10, откако Aston Martin DBX падна на 13-то место. Неговата продажба се намали за 10 проценти во споредба со лани, иако беше воведена новата верзија „707“ со високи перформанси.
Топ 10 најпродавани модели во луксузниот сегмент во Европа во првите осум месеци од 2022
| Модел | |||
|---|---|---|---|
| 1 | Lamborghini Urus | 1066 | 12% |
| 2 | Bentley Bentayga | 1028 | 49% |
| 3 | Ferrari F8 | 994 | 29% |
| 4 | Ferrari Roma | 773 | 1.6% |
| 5 | Lamborghini Huracan | 664 | 47% |
| 6 | Bentley Continental GT | 611 | 47% |
| 7 | Ferrari 812 GTS | 557 | 5.7% |
| 8 | Ferrari SF90 | 523 | 7.6% |
| 9 | Aston Martin Vantage | 509 | 9.2% |
| 10 | Bentley Continental GTC | 507 | 42% |
Rolls-Royce Cullinan зафаќа во уште поскапиот ценовен сегмент, но пак постигна раст од 93 проценти и вкупно 351 продадени примероци. Повеќе од половина од продажбата на благородничката марка на BMW Group отпаѓа на овој модел.
Во меѓувреме и Ferrari се најави во сегментот и во минатиот месец го претстави својот Purosangue. Испораката ќе стартува в година. Цената за моделот со мотор V12 изнесува 390.000 евра и значително е повисока од онаа на новиот Urus S, којшто се цени на 195.538 евра. Ferrari, сепак очекува да го исполни производствениот капацитет од 3.000 примероци годишно, од коишто околу 1.200 примероци ќе бидат испорачани во Европа (регионот досега имаше 40% удел во продажбата).
Bentley Bentayga заостанува само 38 примероци зад лидерот во егзотичниот сегмент, Lamborghini Urus, откако интересот за моделот се зголеми за близу 50 проценти
Со моделот Bentayga, Bentley во 2016 година го заснова потсегментот на ултралуксузни кросовери, но марката на Volkswagen Group сега мора да се соочува со конкуренти што ги немаше со претходната моделска постава. Меѓу нив секако се наоѓа и Range Rover, во нова генерација, поскап и уште поблагороден од досега.
Mercedes EQS SUV

Bentley се соочува и со притисок од Mercedes-Benz, со верзиите на S-Class и GLS под знакот на Maybach. Германската марка не ги објавува посебно продажните бројки на моделите за ултралуксузната Maybach, меѓутоа во мај беше најавено дека ќе се проширува понудата од модели во сегментот. Тоа вклучува верзија Maybach од електричната лимузина EQS, како и од AMG SL и EQS SUV – двата модели дизајнирани од Славче Таневски.
Bentley, во меѓувреме, ги зголеми цените за Bentayga, којашто сега стартува од 165.000 фунти во Британија, за верзијата со приклучен хибриден погон и за моделот со V8 мотор. Првата изведба сега чини 24% повеќе отколку при лансирањето во 2019 година, кога ценовникот наведуваше 133.100 фунти.
Приклучниот хибриден погон е најголемиот степен на електрификација што е постигнат во овој лукузен сегмент. Најпродаван модел со таков погон е Ferrari SF90. Во сегментот во којшто владеат големи и моќни мотори, не е изненадување тоа што електричниот погон допрва треба да почне да се пробива. Единствено електричниот хиперавтомобил Rimac Nevera зафаќа во сегментот.
Maserati GranCoupe Folgore

Тоа ќе се смени в година, кога Maserati ќе започне со испорака на електричната верзија Folgore од новите GranTurismo и GranCabrio. Трите електрични мотори на Folgore испорачуваат трајна моќност од 770 КС и вкупно инсталирана моќност од преку 1.200 КС, што е далеку над 550 КС на верзијата Trofeo со бензински V6-мотор. GranTurismo сега стартува од 200.000 евра, што е за 50.000 евра повеќе отколку кај претходничката.
Уште еден важен електричен модел што треба да го збогати сегментот е електричното купе Rolls-Royce Spectre, во замена за Wraith. Aston Martin го подготвува својот прв модел на струја во 2025 година, исто како Ferrari. Bentley го одложи стартот за 2026, но моделот ќе го претстави една година порано
Во време на криза со чипови, Porsche профитираше од тоа што Volkswagen Group прво ги вградуваше ограничените количини чипови во својата престижна спортска марка. Поради тоа, кризата помалку удри врз продажбата на Porsche, отколку на големоволуменските марки.
Сите лускузни марки што се дел од големи концерни – со исклучок на McLaren (со пад од 41 % до август) и Ferrari (-5,6%) – ја зголемија продажбата годинава. Кај Ferrari, падот се должи на моделската смена на F8 со 296, а не е резултат од намалена побарувачка.
Bentley пријавува рекорден профит, со 23% маржа во првото полугодие и просечен промет од 213.000 евра по возило. Маржата на Ferrari достигна 25 проценти. Единствено Aston Martin има намалена заработка во првото полугодие, а неизвесно е дали и McLaren напредува финансиски, бидејќи оттаму уште не се објавени резултатите за годинава.
















