
Автомобилите од компактната класа и натаму напредуваат подобро отколку што напредува целиот пазар. Главната заслуга за тоа ја има Фолксваген Голф, (повторно) најпродаван модел во сегментот, со раст од 42 проценти. Вкупната продажба во компактната класа во првите шест месеци е порасната за 12 проценти, со 837.351 возила, покажуваат податоците од Датафорс.
По број на возила, во првото полугодие се продале 86.161 возило повеќе отколку во истиот период лани. Тоа го покажуваат првичните податоци од констултантската куќа Датафорс, по обработени податоци од 95 проценти од пазарите во ЕУ, ЕФТА и ОК.
Сегментот губеше тло поради СУВ-моделите, и од градската и од компактната класа.
Освен Голф, чијашто продажба е зголемена за 37.361 возило во споредба со лани, голем напредок постигна и второпласираната Шкода Октавиа, со раст од 26 проценти, додека Тојота Корола, на третото место, постигна зголемување од 14 проценти. Уште поубедлив е напредокот кај Опел Астра, со раст од 70 проценти, на шестото место. Купра Леон е 10-ти најпродаван модел во периодот, со раст од 71 проценти.
Од 10-те најпродавани модели во сегментот, единствено има пад во продажбата кај Пежо 308, на 4-то место (-2,1%), кај Форд Фокус, на петтото место (-20 проценти) и кај Киа Сид, што е на деветтото место (-5,5%).
Издигнувањето на Голф се случува во време кога продажбата на неговиот електричен пандан, ИД.3, назадуваше за 18 проценти.
Уште еден сегмент што забележи голем раст во првата половина се малечките СУВ и кросовери, со +8,6 проценти. Сите модели во овој Топ 10 имаа зголемена продажба. Посебно се издвојува МГ ЗС ЕВ, на деветтото место, со раст од 49 проценти и продадени 54.549 возила.

Друг сегмент со силен напредок беа премиум компактните СУВ и кросовери, со раст од 12 проценти. Најголем пробив постигнаа БМВ и-Икс 1 ЕВ, на седмото место, со раст од 60 проценти, потоа Мерцедес-Бенц ГЛА, на третото место со раст од 31 проценти, како и второпласираниот БМВ Икс 1, што постигна раст од 30 проценти.
Паѓаат СУВ и луксузните лимузини
Наспроти тоа, пад во продажбата има во сегментот на премиум големи СУВ и кросовери, со 18 проценти во минус, потоа кај големите СУВ и кросовери од големоволуменски марки (-9,5%), кај премиум СУВ и кросовери од средна класа (-1,4%) и кај компактните СУВ и кросовери, со пад од 0,6 процент.
Најголем губитник е сегментот на луксузните лимузини, каде што има пад од 32 проценти. Осум од десетте најпродавани модели во сегментот имаат пад во првото полугодие во споредба со 2023. Лидерот на сегментот, Порше Тајкан, има пад од 58 проценти, кај Мерцедес-Бенц С-Класа, втор најпродаван во сегментот, се 30 проценти, а кај Порше Панамера, 4-ти најпродаван модел, исто така има пад од 23 проценти. Два модели на БМВ си ги одбранија местата. Серијата 7 напредуваше за 31 проценти, а има раст и кај нејзината електрична изведба и7, од 14 проценти.

Се стабилизираат електричните автомобили
Продажбата на електричните автомобили се поврати во јуни, со мал раст од 0,4 процент во споредба со јуни 2023, откако претходно имаше пад од 11 проценти во мај. За шест месеци, продажбата на ЕВ е зголемена за 2,1 проценти.
Тесла Модел Ипсилон беше најпродаван ЕВ во Европа до јуни, со 100.755 продажби, но тоа пак е пад од 26 проценти во споредба со лани. Следи Тесла Модел 3 со продадени 59.085 возила, што е раст од 42 проценти во споредба со првото полугодие лани. Трет најпродаван модел за шест месеци е Волво Е Икс 30, со 38.764 примероци до јуни. Компактниот електричен кросовер летово беше на тест возење во Аутомедиа.
Приклучните хибриди забавија откако имаа силен раст во почетокот на годината. Кај нив напредокот до јуни изнесува 1,2 процент и 481.366 возила, меѓутоа имаше пад од 14 проценти во продажбата во јуни, а претходно и во мај. Најголемата заслуга за позитивниот исход е во силната продажба во јануари и февруари.
Најпродаван приклучен хибрид до јуни е Волво Икс Ц 60, пред Мерцедес-Бенц ГЛЦ. Двата модели постигнаа силен раст годинава, со 46 проценти кај шведскиот модел и дури 60 проценти кај ГЛЦ. Третиот најпродаван модел со овој погон, Форд Куга, годинава е за 21 проценти послаб од лани.















