за

Peugeot 208 најпродаван модел во Европа во 2022, Tesla Model Y во декември

Во последниот месец од минатата година, насловот на најпродаван модел ѝ припадна на Tesla Model Y. На подолг рок, победник е Peugeot 208.

peugeot 208 - Витолиште, Мариово

Третпат во последните четири месеци, електричниот СУВ на Tesla се најде на врвот на продажбата во Европа. Второто место во декември исто така му припадна на автомобил на Tesla, на Model 3.

Tesla Model Y во декември вторпат во низа беше најпродаван автомобил во Европа. Американскиот електро-специјалист продаде 31.562 примероци од СУВ-моделот од средната класа. Тоа е трипати повеќе отколку во последниот месец во 2021 година. Model Y третпат избива на врвот во последните четири месеци. Исклучок беше октомври, кога СУВ моделот не се најде ниту меѓу 50-те најпродавани модели во Европа.

Втор најпродаван автомобил во декември беше Tesla Model 3 со 20.258 примероци. Тоа е за 25 проценти послабо во споредба со истиот месец преклани.

Водечката тројка ја заокружува Dacia Sandero со продадени 17.592 примероци или 5,6 проценти повеќе од декември 2021. Тоа се првични податоци, коишто покриваат 94 проценти од продажбата во ЕУ, како и во земјите од ЕФТА и во Велика Британија.

Во 2022 година, шест различни модели избиваа на врвот на продажбата во Европа. Четири од нив го повторија успехот најмалку уште еднаш.

Победниците во 2022 година по месеци беа Dacia Sandero (јануари), VW Golf (февруари и октомври), Tesla Model 3 (март), Peugeot 208 (април, мај и јуни), VW T-Roc (јули и август) и Model Y (септември, ноември и декември).

Во декември, седум од моделите во Топ 10 ја зголемиле продажбата во споредба со преклани. Меѓу моделите што напредувале, покрај Model Y и Sandero, се вбројуваат уште Toyota Yaris, VW Tiguan, VW ID4, Volvo XC40 и Ford Kuga.

Од останатите модели во Топ 50, што постигнале голем раст во продажбата се издвојуваат Kia Sportage (+155 прпценти), како и VW ID3 со раст од близу 100 проценти и сериите 3 и 1 на BMW 3, со по повеќе од 50 проценти раст.

Победник за цела 2022 година е Peugeot 208 со продадени 199.302 примероци.

Втор најпродаван модел во Европа е Dacia Sandero со 191.499 примероци, што претставува раст од 1,3 процент во споредба со 2021. Модел на Volkswagen е на третото место, но тоа не е Golf, туку е неговата кросовер изведба T-Roc, со близу 4.000 примероци повеќе.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Уште еден Citroen со големата буква: C4 X стартува од 22.390€

Рекорд за автобусите од Daimler: Лисабон доби 864 нови автобуси