за

Уште еден Citroen со големата буква: C4 X стартува од 22.390€

Стратегијата на Citroen уште се одмотува: По престижниот C5 X со комфор за седум ѕвезди, следи приземен кросовер со техниката од C4. Тој е всушност лимузина.

Кај друга марка за којашто сцената мисли дека ѝ значи многу, може некој новитет да останал незабележан и досега заборавен, но кај оваа марка е поинаку. Кој уште не се сеќава кои сé модели Citroen ги воведуваше во изминативе години, од Cactus, преку C4, до C5 X. Овој модел има уште помалку шанса да биде незабележан: C4 со додаток X.

Citroen веќе има еден различен, или подобро кажано „ситроеновски“ модел во важната компакт класа, што носи и имиџ и пари. C4 се разликува од класичната комбилимузинска форма и балансира како кросовер. Сега следи уште еден C4, со важната додавка X. Таа стана повторно важна со C5 X, којшто потсети на CX, BX, Xantia, Xsara, на сите модели на Citroen што го носеа ветувачкото X во минатото.

Тој Х кај C4 менува многу. Citroen C4 X всушност е лимузина. Задниот поклопец се отвора посебно, без задното стакло и без важните патници на задната клупа да се изложуваат на провев. Господски лимузински, со посебно место за патници, посебно за багаж. Тоа е во стилот на Ami, GS, всушност многу нешта од историјата на Citroen се внесени во овој автомобил.

Автонова веќе го објави ценовникот и најавува дека првите количини ќе пристигнат на македонскиот пазар во февруари. Стартот е од 23.890 евра, односно од 22.390 евра, вклулчувајќи го попустот во висина од 1.500 евра. Бидејќи станува збор за 2023 година и електричниот погон веќе е стандардна понуда, а не исклучок, Французите го нудат C4 X и во верзија што вози 100% на струја: e-C4 X стартува од акциски 43.490 евра и според ветувањето на фабриката минува до 360 километри со полна батерија. Тоа е Скопје-Охрид-Скопје без полнење и без мисла дали некој дизел „џип“ од 1990-те е паркиран да полни струја на паркингот пред пристаништето.

Споредбата меѓу електричните верзии Citroen e-C4 и Citroen e-C4 X, покажува дека „икс“ е подолг 24,5 сантиметри, поширок 3,5 сантиметри, повисок половина сантиметар, и со клиренс поголем за околу сантиметар и пол. Значајна разлика е багажникот, со 510 наспроти 380 литри, односно 1.360 наспроти 1.250 литри со соборена клупа. Пријатно изненадување е тоа што тежината е поголема за само 23 килограми.

Новиот модел дури и забрзува подобро, иако тоа се само две десетимнки (9,5 секунди), додека во крајната брзина нема разлика, таа е ограничена на 150 km/h. Причината за таа разлика се огледува и во потрошувачката: Подобрата аеродинамичност прави C4 X да троши 15 kWh/100 km, додека C4 троши 300 вати повеќе. Секако дека тоа влијае и врз досегот, X минува 6 km повеќе.

Класичната понуда се состои од 1,2-турбо бензинец со 100 КС, во верзија со мануелен менувач и цена од 22.390 евра во нивото Feel, посилна верзија на тој мотор со 130 КС и во комбинација само со 8-степен автоматски менувач, и дизел 1,5 со 130 КС, исто така со автоматик, којшто од досегашното искуство „вреди за сите пари“.

Препорака: Преземете го каталогот што го изработија Автонова за новиот модел, толку се разликува C4 X · Линк до каталогот (во PDF)

За техничките податоци што ни стојат на располагање во моментов, како и за главните ставки во опременоста на моделските изведби, посетете го нашиот онлајн-каталог Avtosalon.mk

Inventory

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вајоминг сака да ги забрани електричните автомобили

peugeot 208 - Витолиште, Мариово

Peugeot 208 најпродаван модел во Европа во 2022, Tesla Model Y во декември