Португалија е големото изненадување на пазарот на електрични возила. Земјата на Атлантикот постигнува еден од најголемите удели на возилата на струја во светот, а има далеку понизок стандард во споредба со Норвешка или Холандија.
Високиот удел на електричните автомобили на португалскиот пазар е резултат од долгорочна и правилна стратегија, којашто доведе до тоа земјата веќе извесно време да бележи постојан напредок во електромобилноста. Исто како во останатите европски држави, електричните возила го задржија позитивниот тренд годинава, наспроти вкупната продажба на возила, којашто поради пандемијата забележа историски рекорден пад. Во јуни, дванаесет проценти од новите автомобили во Портуталија биле електрични, вклучувајќи ги плагин-хибридите. Истиот процент важи и за уделот на овие возила во првото полугодие.
Најпродаваниот електричен модел во Португалија се разликува од останатите пазари. Nissan Leaf долго ја предводеше продажбата на голем број важни пазари за електричните возила, но во меѓувреме ги загуби некогашните позиции. Со релативно ниски цени и дополнително со големи попусти, Leaf ја задржа водечката позиција во Португалија. Следни се два модели што редовно се појавуваат на врвот на продажните листи – Tesla Model 3 и Renault Zoe. Двата модели доаѓаат од две различни класи и ценовни сегменти и со тоа покриваат широк дел од пазарот.
Останатите модели во Топ 10 се плагин-хибриди (PHEV), со исклучок на Peugeot e208. Кај овие хибриди што не се „самополнечки“, како што кажува шампионот на класичните хибриди Toyota, продажбата во јуни годинава дури и се зголемила за 12% во споредба со истиот месец лани. Вкупно од почетокот на годината, PHEV имаат раст од 3%.
Овие 15 држави во ЕУ го ограничуваат сообраќајот при загаденост
















