Електричниот автомобил што Porsche го прикажа како концепт на салонот во Франкфурт нема да остане на само едно појавување. Сериската верзија од Mission E пристига пред крајот на деценијата.
Porsche ќе стартува со продажба на својот прв автомобил со погон на струја најдоцна до 2019 година. Тоа денес го потврди надзорниот одбор на Dr. Ing. h.c. F. Porsche AG. Според претседателот Оливер Блуме, со реализацијата на проектот Mission E ќе се отвори „ново поглавје во историјата на спортските автомобили.

Mission E претставува продолжение на стратегијата за воведување на еколошки одржливи погонски решенија во својата понуда од модели. За таа цел само во централата во Цуфенхаузен се отвораат над 1.000 нови работни места и се инвестираат 700 милиони евра. Во следните години во матичните погони на Porsche во близина на Штутгарт ќе се изградат нова лакирница и посебна монтажна линија. Постоечките погони за изработка на мотори ќе се приспособат за производство на електричниот погон. Покрај тоа ќе се прошируваат и постоечките капацитети за изработка на каросерии. Дел од инвестициите се наменети и за развојниот центар во Вајсах.
Доминацијата на Tesla Motors наскоро ќе биде ставена под контрола
Концептната студија Mission E беше претставена во септември на салонот во Франкфурт и предизвика еуфорична реакција кај публиката, меѓу другото и со силната емотивна нота во дизајнот. Купе-лимузината со четири единечни седишта располага со системска моќност од над 600 КС, со што е во состојба да забрзува до сто за помалку од 3,5 секунди. Досегот ќе изнесува над 500 километри. Литиум-јонските батерии вградени во подот на возилото ќе достигнуваат наполнетост од 80 проценти за само 15 минути, благодарение на иновативниот полнач што работи под напон од 800 волти, односно двапати повеќе од денешните брзи полначи. Porsche ќе им понуди можност на сопствениците на идниот електричен автомобил да вградат индуктивна намотка во подот на гаражата, за батериите на тој начин да се полнат без кабел, по пат на индукција.
















