за

Порше Тајкан доби копче за престигнување Тесли

Со притискање посебно копче, освежениот Порше Тајкан добива екстра моќност во времетраење од десет секунди. Доволно да се престигне Тесла.

Порше го освежи својот Тајкан. Со исклучок на малите зафати во носот, надвор нема поголеми промени. Затоа, пак, штутгартската спортска марка ги шокира конкурентите со ефикасноста и со брзината на полнење.

Сменет браник напред и нови диодни светла, и тоа е сé што кај новиот Порше Тајкан се забележува – на втор поглед. Со исклучок на малите промени во светлечката лента, со осветлен натпис на името на моделот, назад исто така нема сменето многу.

Внатре одвај дека има некакви измени. Дигиталните инструменти прикажуваат неколку информации плус, дисплеите останаа со истата големина како пред моделското освежување.

Тоа што е сменето, поточно надградено, тоа се внатрешните вредности. Техничарите постигнаа безмалку револуција при преработката на Тајкан. Додека некои конкуренти најгласно рекламираат дека нивните електрични автомобили полнат со моќност од 180 или 200 киловати, возачите на Тајкан можат само да се насмеат за тоа.

Електричниот Порше, заедно со близнакот Ауди Е-трон ГТ, досега полнеа со моќност до 270 киловати, што пак е далеку побрзо од повеќето конкуренти. Тајкан отсега ќе полни уште побрзо, односно со моќност до 320 киловати.

Во зависност од каросериската изведба и во варијантата со заден погон, максималниот досег на електричната спортска лимузина се продолжува до 35 проценти, на максимално 680 километри.

Во најдобар случај, а тоа значи ако батеријата претходно има ја постигнато работната температура, наполнетост од 80 проценти ќе се постигне за покусо од 20 минути. За споредба, постоечкиот модел, при користење хиперчарџер, ја полни батеријата од 93 кВч за 40 минути. Новиот модел воедно располага и со поголема батерија, со капацитет од 105 кВч.

Батеријата се состои од 33 одделни модули, односно од вкупно 396 пауч-ќелии. Соодносот меѓу никелот, кобалтот и манганот изнесува 8:1:1. Максималната моќност на рекуперација при сопирање од висока брзина е зголемена за преку 30 проценти, односно од досегашните 290 на 400 киловати.

 

Поголема моќност, повисоки и цените

Сите моделски изведби на Порше Тајкан стандардно доаѓаат со тркала со усовршена аеродинамичност и гуми со низок отпор. Заедно со зголемената моќност на полнење и зголемената батерија, доаѓаат и повисоки цени за спортската лимузина на струја.

Според германскиот ценовник, основниот модел со моќност зголемена на 300 кВ (408 КС) чини најмалку 101.500 евра. Тајкан 4С зајакна на 400 кВ (544 КС), додека Тајкан Турбо испорачува 650 кВ (884 КС).

Врвниот модел Порше Тајкан Турбо С Крос Туризмо, со своите 211.300 евра чини двојно од основниот модел. Тој сепак испорачува 700 кВ (952 КС). За зголемената моќност е заслужен посилниот електромотор на задната оска, којшто сега располага со 80 кВ повеќе и воедно е полесен за 10 килограми. Спринтот на Турбо С трае 2,4 секунди, брзината е ограничена на 260 км/ч.

Копче „Пуш то Пас“ постигнува вратоломна моќност при престигнување

Копчето Пуш-ту-Пас на воланот е по пример од мотоспортот и неговата функција е во тоа што активира екстремна моќност во времетраење од 10 секунди. Порше напоменува и дека сериската опременост е значително збогатена, со тоа што електричниот заден поклопец и пневматската амортизација сега ги поседува и основниот модел. За уште повисок комфор на амортизација, може да се избере активно подвозје.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Шкода Октавиа во ново издание за Свети Трифун

Алфа Ромео изработе специјална серија Трибуто Италиано за своето моделско трио