Порше годинава вложува 800 милиони евра, има и за нови бензинци

Порше Кајен: Големиот СУВ со мотори со внатрешно согорување ќе остане во производство подолго од планираното.

Порше годинава ќе вложи до 800 милиони евра. Компанијата објави дека парите ќе се вложат во проширување на понудата од модели, при што се става нагласок на нови модели со мотори со внатрешно согорување и на приклучни хибриди.

За тековнава година, Порше очекува промет меѓу 39 и 40 милијарди евра, односно оперативна добивка меѓу десет и 12 проценти. Според првичните пресметки, маржата во минатата година беше на долниот праг на прогнозираниот распон од 14 до 15 проценти. Во 2023 година, компанијата постигнуваше добивка од 18 проценти во просек од секое продадено возило.

Извршниот директор Оливер Блуме на подолг рок очекува маржата да се искачи на 20 проценти, па и над тоа.

Прометот во 2024 година беше во прогнозираниот опсег меѓу 39 и 40 милијарди евра. И покрај потешкотиите, дивидендата ќе остане на истото рамниште како лани, односно 2,31 евра по преференцијална акција.

Се проширува обемот на работилницата за посебни нарачки

Иако преоѓањето на електричен погон се одвива побавно од очекуваното, производителот не се откажува од тој вид на погон. Неодамна со големо доцнење почна да се продава електричниот Макан. Серијата 718, со Кајман и Бокстер, исто така се префрлува на погон на струја. Поради новите директиви за заштита од сајбер напади, моделите со мотор со внатрешно согорување веќе извесно време не се продаваат во Европа.

Од македонската премиера на електричниот Порше Макан

Еден дел од инвестициите што се најавени за годинава ќе биде насочен во „активности за батерии“. Порше не соопшти повеќе детали околу тоа, исто како и за најавените „приспособувања во организацијата на компанијата“, за што се претпоставува дека може да значи отпуштања кадар во четирицифрено подрачје. Наспроти тоа, се предвидува проширување на ексклузивната мануфактура, во којашто се работи по посебни нарачки.

Со скапите изработки по посебна желба на клиентите се заработува многу. Но, тоа значи и дека Порше Тајкан ќе се пресели од Цуфенхаузен во Лајпцих. Компанијата уште во минатата година соопшти дека се откажува од намерата во 2030 година да постигне моделите со електричен погон да учествуваат со 80 проценти во продажбата. Кајен со мотори со внатрешно согорување, еден од најпродаваните модели на Порше, ќе се произведува подолго од првично планираното.

Можно е продажбата годинава да се намали

Германскиот производител на спортски автомобили се соочува со низа потешкотии. Продажбата во 2024 година се намали, а можно е и годинава да продолжи трендот. Причини за тоа се бројните смени на моделски генерации, смалената побарувачка во Кина, втор најголем пазар на Порше, како и забавениот раст во продажбата на електрични автомобили.

Намерата на Порше беше побрзо да се префрли на електрични возила од останатите производители. Единствен исклучок беше традиционалниот модел 911, додека сите други моделски серии требаше да бидат префрлени на погон на струја.

Доцнење поради проблеми со софтверот

Има и други потешкотии. Варијантите на Макан и 718 Бокстер и Кајман мораше да се тргнат од продажба во Европа, поради новите директиви за безбедност од сајбер напади. Електричниот Макан доцнеше со години поради проблеми со софтверот. Тоа најмногу ги погоди купувачите во Кина, затоа што таму е многу поважно да се добие најнов софтвер отколку во Европа. Германските производители општо не важат како предводници во тој поглед.

Најважен пазар за Порше се САД. Новиот претседател Трамп внесува немири околу тој пазар, со заканите дека ќе воведе царини. Порше од тоа ќе биде погоден повеќе од останатите производители, затоа што не поседува фабрика во САД и мора сите свои возила да ги увезува. Почнуваат размислувања околу изградба на фабрика таму.

Во минатата седмица, Порше најави дека ќе се збогува со шефот за продажба Детлев фон Платен и од шефот за финансии Луц Мешке. Не се наведуваат причините. Фон Платен имено се товари за забавената продажба во Кина, додека Мешке има несогласувања со Блуме. Нивните наследници уште не се назначени.

Претходна објаваАуди се враќа на старите ознаки, повеќе нема двоење на електрични и бензинци
Следна објаваВолво го пушти електричниот Е Икс 30 Крос Кантри да вози на терен

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here