за

Порше Панамера: Не еден или два, туку четири хибриди за спортската лимузина

Марката од Цуфенхаузен додава уште два приклучни хибриди во понудата за новата генерација на Панамера.

Новите моделски изведби на Порше Панамера со електромотор во погонот ги носат ознаките 4 Е-Хибрид и 4С Е-Хибрид. Пазарот го бара овој погон во Порше, затоа марката одговара со вкупно четири изведби со прикличен хибриден погон.

Погонската спрега на Панамера 4 Е-Хибрид користи темелно преработена верзија на 2,9-литарскиот битурбо Ве-6, со 304 КС. Заедно со електромоторот се постигнува системска моќност од 470 КС, но и потрошувачка од 1,0 до 1,4 литар – тоа е вредност што се добива ако се појде со полна батерија и се вози на струја сé додека не се исцрпи енергијата во неа.

Батеријата во првата од двете нови изведби на Порше Панамера со приклучен хибриден погон држи 79 до 93 километри, односно ако се вози во град, 89 до 96 километри. Вртежниот момент достигнува 650 њутнметри, спринтот до темпо сто трае 4,1 секунди, крајната брзина е 280 км/ч.

За повеќе динамика е наменета втората нова изведба, Панамера 4С Е-Хибрид. Шестцилиндарецот тука постигнува 353 КС, системската моќност доаѓа до 544 КС. Досегот разумно се скусува, вртежниот момент достига 750 њутнметри, спринтот трае 3,7 секунди, забрзувањето престанува десет километри на час подоцна отколку во Панамера Е-Хибрид.

Во споредба со претходничките, новите Панамера Е-Хибрид се одликуваат со подолг електричен досег, побрзо полнење, посилно повлекување и ослободување повеќе моќност во секој режим.

Уште при стартот на новата генерација на Панамера, Порше го пушти хибридот во игра, во неговата врвна изведба во Панамера Турбо Е-Хибрид

Батеријата сега располага со 25,9 кВч бруто, што при несменета големина е за 45 проценти повеќе капацитет во споредба со претходно. Со сопствениот полнач од 11 кВ, батеријата се полни за два часа и 39 минути на обичен полнач.

Електромоторот е целосно сменет и располага со 140 кВ (190 КС) и 450 њутнметри. Уште една разлика е тоа што е-моторот е вграден во ѕвоното на менувачот и опфатен е во системот за подмачкување на менувачот. Со новата конструкција, инерцијата е смалена за 50 проценти и заради тоа погонот реагира уште подиректно. Исто и моќноста на рекуперацијата до 88 кВ придонесува за тоа залетот повеќе да се искористува за батеријата да се наполни.

Четири режими на хибриден погон, плус два Порше-режими

Возачите можат да избираат меѓу 4 режими што се својствени за Е-Хибрид и оптимирани се во новата Панамера. Истото важи и за режимите Спорт и Спорт Плус, што се неодвоиви од едно Порше.

Хибридните Панамери секогаш поаѓаат на струја, во Е-Пауер. Доколку батеријата е недоволно полна, погонот брзо се префрлува на Хибрид Ауто. Третиот режим е Е-Холд и наменет е да се сочува наполнетоста на батеријата, додека 4-от режим е Е-Чарџ и тогаш моторот помага да се наполни батеријата до 80%, на пример додека се патува, за по доаѓањето в град, да се вози чисто на струја, ако така сакаат возачите.

Посебно активно подвозје за хибридните Панамери

Нова Порше Панамера не излегува од фабрика без двокоморна пневматска суспензија. Кај хибридните модели работи посебна изведба што се води како Порше Актив Рајд. Целта беше да се соединат нешта што се спротивни: Врвна тракција, држење во свијоци, со удобно возење. Амортизерите исто така имаат по два вентили.

Посебноста е во тоа што секој амортизер располага со сопствена хидраулична пумпа со електричен погон, што се напојува од 400-волтната мрежа. Пумпата реагира брзо и моќно, за да спречи секакво движење на каросеријата, надолжно, попречно, на страна. Амортизерите работат со најмногу 13 херци, што значи дека можат 13 пати во секунда да го сменат своето работење. Уште еден талент е подигнувањето на каросеријата, за полесно влегување.

Панамера 4 Е-Хибрид поседува тркала од 19 инчи, црни сопирачки шепи и матрични диодни светла. „С“ има еден за инч поголеми тркала со аеро дизајн и сребрени издувни цевки, како и црвени сопирачки шепи. За двете изведби може да се нарачаат керамички сопирачки ПЦЦБ, а тоа значи и тркала од 21 инчи. Дисковите тогаш имаат пречник 44 сантиметри напред, односно 41 сантиметар назад.

Панамера со хибриден погон може да се очекува во салон на Порше веќе во вториот квартал, односно од почетокот на април.

Германските цени на Панамера Е-Хибрид

  • Порше Панамера 4 Е-Хибрид · 123.400 евра
  • Порше Панамера 4 Е-Хибрид Егзекутив · 134.400 евра
  • Порше Панамера 4С Е-Хибрид · 138.200 евра
  • Порше Панамера Турбо Е-Хибрид · 192.500 евра

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Фолксваген имаше одличен почеток на годината

Кинеските производители на авто делови јуришаат на Мексико