за

Кинеските производители на авто делови јуришаат на Мексико

Точно по желба на шефот на Тесла, Илон Маск, кинеските производители на авто делови го засилуваат присуството во Мексико.

Кинеските добавувачи на компоненти за производителите на автомобили масовно се доселуваат во Мексико, со цел да се избегнат царинските пречки на САД, за увоз на производи од Кина.

Кинеските добавувачи се доселуваат масовно во Мексико и вложуваат директно во САД. Шефот на Тесла, Илон Маск, лани ги охрабри моќните Азијци да го направат овој чекор.

Повеќе кинески компании во моментов ги градат своите први фабрики во Монтереј, на североистокот на Мексико. Оттаму ќе се снабдуваат со компоненти производителите на автомобили во САД. Другите кинески компании што веќе се присутни во Мексико, ги прошируваат своите фабрики.

Со вложувањето во соседството на автомобилската земја САД, кинеските добавувачи од една страна ќе бидат поблиску до својот клиент Тесла, додека од друга страна, тие ќе можат оттаму да ги избегнат царинските давачки со коишто САД сакаат да се одбранат од кинескиот увоз.

Илон Маск го пофали квалитетот „мејд ин Чајна“

За масовното инвестирање има голема заслуга и самиот шеф на Тесла, Илон Маск. Тој при една своја посета на Кина во минатата година го пофали квалитетот на кинеските добавувачи. Тие воедно ја снабдуваат со компоненти и фабриката на Тесла во Шангај. Маск тогаш ги повика кинеските добавувачи да произведуваат во Мексико и оттаму да ги снабдуваат американските фабрики на Тесла. Веста ја објави новинската агенција Блумберг, повикувајќи се на сведоци на тој чин.

Извозот на делови од кинеските добавувачи од Мексико во САД, лани првпат надмина вредност од една милијарда долари. Според мексиканското здружение на добавувачи за авто-индустријата ИНА, извозот лани достигнал 1,1 милијарда долари, за 15 проценти повеќе отколку во 2022 година.

ИНА понатаму наведува дека во Мексико во моментов се присутни 33 кинески добавувачи на делови за фабриките за автомобили. Од нив, 18 компании извезуваат во САД.

Реакција на политиката на Доналд Трамп

Кинеските директни инвестиции во Мексико и во другите држави почнаа уште во 2018 година, откако тогашниот претседател на САД, Доналд Трамп, започна трговска војна со Кина. Во исто време драстично се намали извозот на добавувачите од Кина директно во САД.

За масовното доселување во Мексико придонесе и Актот за намалување на инфлацијата ИРА на владата на претседателот Бајден. Актот дозволува за електрични возила што се произведени во Мексико, да се добие субвенцијата на САД за електрични автомобили во висина од 7.500 долари. На тој начин се избегнуваат рестрикциите на ИРА, со коишто од програмата за субвенции се исклучуваат увезените електрични возила што содржат висок удел на делови од Кина.

Покрај бројни кинески добавувачи, во Мексико доаѓаат и најголемите производители на автомобили, како БИД, Саиц и Чери, коишто директно вложуваат во земјата.

Експертите очекуваат дека фабриките ќе почнат да работат најдоцна за четири години.

Кинезите вложуваат и директно во САД

Кинеските добавувачи не само што се активни во Мексико, туку во меѓувреме почнуваат да вложуват и директно во САД. Добавувачот од 1-во ниво Џинг Џин Електрик планира да го прошири своето производство во сојузната држава Мичиген.

Компанијата ќе вложи 16,5 милијарди долари и во почетокот ќе отвори 100 нови работни места. Кинезите не посочуваат точно за кој производител ќе испорачуваат, туку само наведуваат дека станува збор за „мултинационален производител“.

Во Мичиген во моментов се гради и фабрика за батерии на кинескиот добавувач Готион. Таму се вложуваат 2,4 милијарди долари.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Порше Панамера: Не еден или два, туку четири хибриди за спортската лимузина

Годината почна со Дачиа Сандеро, најпродаван модел во Европа во јануари