за

Porsche Panamera пристига во долга и во „евтина“ изведба

Спортската лимузина на Porsche отсега е достапна и во изведбата што според стандардите на марката важи како основна. Panamera без каков било додаток во името вози со 330 КС и со погон назад. За балансот да не се наруши, веднаш се додава и луксузната изведба Executive, со продолжена каросерија и цела низа опции за пополнување на вишокот простор на задната клупа.

Porsche ја заокружи понудата во моделската серија Panamera со основна изведба со трилитарски турбо-бензинец V6, со моќност од 330 КС и погон на задната оска. Заедно со „базниот“ модел пристига луксузната изведба Executive, со каросерија продолжена за 15 сантиметри и доплата од 9.000 евра. Во споредба со претходникот со 3,6-литарски V6 (без турбо), основната Panamera располага со 20 КС повеќе и троши до еден литар помалку. Покрај изведбата со заден погон е достапна и верзија Panamera 4, којашто дополнително ја впрегнува предната оска и според фабричкиот ценовник чини 4.000 евра повеќе.

Конципирана како шоферска лимузина, Executive располага со меѓуоскино растојание продолжено за 150 милиметри и се нуди како Panamera 4 Executive (со 330 КС), Panamera 4 E-Hybrid Executive (462 КС), Panamera 4S Executive (440 КС) и Panamera Turbo Executive (550 КС).

Porsche Panamera Rear Seat Entertainment

Во „директорската“ Panamera стандардно следуваат панорамски покрив, електрика и греење за сите седишта, приспособлива пневматска амортизација заедно со електронски регулирани амортизери и завеси за заштита од сонце за задното стакло. Pamanera 4S и Panamera Turbo во верзијата Executive дополнително располагаат и со управување на задната оска и врати со меко затворање. Panamera Turbo, како крал на серијата, и на тоа додава четиризонска автоматска клима, динамично регулирани диодни светла и амбиентално осветлување.

Дисплеите од задната клупа се „претвораат“ во таблети надвор од Panamera

Со доплата се вградува специјална средишна конзола меѓу задните седишта, со две преклопливи маси и антена за индуктивно полнење на мобилен телефон. Купувачите во Кина и САД имаат најголема слабост за верзијата Executive и сигурно нема да ја пропуштат доплатата за мултимедиски систем на задните седишта, со отстранливи дисплеи од 10,1 инчи во потпирачите за глава. Овие дисплеи може да се користат и како таблет, надвор од возилото.

Со основната верзија и со лусузната Executive, понудата во семејството на Panamera сега брои вкупно десет моделски изведби, во дијапазон на моќност од 330 до 550 КС.

Цени за новите верзии на Porsche Panamera на германскиот пазар:

Panamera 88.989 Евра
Panamera 4 93.035 Евра
Panamera 4 Executive 102.674 Евра
Panamera 4 E-Hybrid Executive 115.050 Евра
Panamera 4S Executive 126.831 Евра
Panamera Turbo Executive 166.458 Евра

[FAG id=26268]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Најпродаваниот електромобил во одважна серија: Nissan Leaf Black Edition

Златен волан за најдобрите автомобилски новитети на годината