за

Porsche Cayenne: Лут зачин во пет варијанти на лутина

Освежен дизајн, намалена потрошувачка на гориво и збогатена сериска опременост се главните белези на фејслифтот на големиот спортски теренец на Porsche.

Во октомври стартува продажбата на освежената моделска генерација на Cayenne во пет варијанти. Покрај Cayenne S, Turbo, Diesel и S Diesel, во понудата за прв пат ќе се најде и S E-Hybrid, како прв хибрид со можност за надворешно полнење на батериите во сегментот на престижните теренци. Со тоа, германската спортска марка сега нуди вкупно три модели со хибриден погон, заедно со Panamera S E-Hybrid и 918 Spyder.

Првата генерација на Cayenne беше претставена во 2002 година, како модел што требаше да постави нови стандарди во класата. Продажбата ги надмина сите очекувања, со преку 276.000 примероци продадени до 2010 година. Втората генерација досега надмина 300.000 примероци. Освен што му донесе голем профит на производителот од Цуфенхаузен, Cayenne обезбеди и финансиска основа за инвестиција во нови модели и проширување на моделската понуда – последен пример за тоа е Macan.

Фејслифтот внесува поголема острина во изгледот на Cayenne, со комплетно променет нос, вклучувајќи ги крилата и хаубата. Новата моделска генерација се препознава како Porsche по сериските биксенонски светла со типичните дневни светла со четири светлечки диоди, кои што следуваат како стандард уште во основната и S-верзијата на моделот.

Сите мотори имаат намалена потрошувачка во споредба со нивните верзии кај претходникот, во исто време со подобрени перформанси. Техничкиот напредок е најголем кај Cayenne S E-Hybrid во споредба со досегашниот Cayenne S Hybrid. Новиот модел има литиум јонски батерии со капацитет од 10,8 kWh, што во зависност од начинот на возење и топографијата овозможува возење на струја во досег меѓу 18 и 36 километри. Моќноста на електромоторот е зголемена за повеќе од двојно, од 47 на 95 КС, а просечната потрошувачка на гориво изнесува 3,4 литри на сто километри.

Битурбо моторот на Cayenne S со 6 цилиндри и зафатнина од 3,6 литри е следен доказ дека намалената работна зафатнина и намалениот број на цилиндри не ги нарушуваат основните вредности на спортскиот теренец. Просечната потрошувачка на овој мотор се движи меѓу 9,5 и 9,8 литри, односно еден литар помалку од досегашниот мотор V8. Притоа, моќноста му е зголемена за 20 КС и сега изнесува 420 КС. Со серискиот осумстепен менувач Tiptronic S, моделската верзија S забрзува за 5,5 секунди до сто, додека крајната брзина изнесува 259 km/h.

Бројките кај Cayenne Turbo: Зафатнина од 4,8 литри, осум цилиндри и моќност од 520 КС. Тој забрзува од нула до сто за само 4,5 секунди, а крајната брзина е 279 km/h. Потрошувачката на топ моделот се движи меѓу 11,2 и 11,5 литри, Cayenne Diesel со 262 КС троши меѓу 6,6 и 6,8 литри, а Cayenne S Diesel со 386 КС од 4,2-литарски V8 троши околу осум литри на сто километри.

Подвозјето на новиот Cayenne е оптимирано со акцент на постигнување на повисок комфор во возењето, без притоа да се прават компромиси во динамичните својства. Со тоа, спрегата на комфор и спортско возење е уште поголема и ја зајакнува позицијата на Cayenne како спортски автомобил во сегментот СУВ.

Продажбата на германскиот пазар ќе стартува на 11-ти окромври. Цената на Cayenne Diesel во Германија изнесува 66.260 евра, Cayenne S чини 80.183 евра, Cayenne S Diesel 82.087 евра, а Cayenne Turbo 128.378 евра. Ценовникот наведува 82.087 евра за хибридниот модел, што значи дека тој е за 1.000 евра поевтин од досегашниот Cayenne S Hybrid. Заслугата за тоа е во постигнатите синергиски ефекти во подрачјето на хибридната техника, односно во нејзината примена во повеќе модели во понудата на Porsche. Од истите причини и цената на моделот Panamera S E-Hybrid отсега е пониска за повеќе од 6.000 евра и изнесува 104.221 евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kолона од десет возила Volkswagen Multivan за Кевин Костнер

Renault е главен спонзор на филмскиот фестивал во Венеција