Јужнокорејскиот производител Nexen за првпат ќе испорачува гуми за фабричко вградување во Porsche Cayenne. Тоа е мошне убедлива потврда за квалитетот на гумите на Nexen. Моментно се преговара и за останатите модели на Porsche, а се гради и нова фабрика за гуми во Чешка.
Porsche Cayenne ќе излегува од фабрика со гуми Nexen N’Fera RU1 со димензија 255/55R18 109Y XL. Гумите од овој јужнокорејски производител за првпат наоѓаат примена за прво вградување во Porsche. Како што наведува производителот, N’Fera RU1 е пневматик за спортско возење, којшто се одликува со врвна стабилност во свијоци и спортска управливост.
Nexen применува технологија 3D-Nano Grip, за максимално искористување на сопирачкиот потенцијал на спортските модели, како и технологија Fast Reversible, заради оптимизација на трајноста и возните својства. Во конструкцијата на гумата се користи арамид-хибрид, како и специјално полнење на каскадите, што донесува подобра стабилност.
Со испораката на гуми за прво вградување за премиум производител од рангот на Porsche, Nexen добива одлична потврда за квалитетот на своите пневматици и шанса за градење на имиџот на марката пред публиката. Во план е испораката да ги опфати и останатите модели на Porsche, исто како и модели од други марки од премум сегментот.
Nexen почна да испорачува гуми за прво вградување во 2012 година и моментно повеќе производители на автомобили ги користат неговите пневматици. Развојот на нови производи се одвива во центрите во Кореја, Кина, САД ио Германија, додека производството се одвива во два погона во Кореја и еден во Кина. Од 2018 година ќе почне со работа и новата фабрика за пневматици на Nexen во Чешка.
















