за

Porsche 918 Spyder ја става суштината на марката на виделина

Ова е Porsche Porsche. Спој на чисткрвна тркачка техника со искористливост за секој ден и врвни перформанси со најниска можна потрошувачка.

Развојниот тим во Цуфенхаузен доби задача да го направи суперспортскиот модел за следната декада, со моќен и штедлив хибриден погон. 918 Spyder е конструиран, развиен и изработен од инженерите на Porsche што работат на тркачките возила на марката, во соработка со специјалистите за сериски модели. Бројни детали во моделот произлегуваат од искуствата на 24-часовните трки во Леман. Како што е традиција кај тркачките модели на Porsche, и овој има монокок констуркција, исто како формула 1 болид. Моторот V8 потекнува од RS Spyder, прототипот што вози на Леман во класата LMP2, монококот е изработен од карбон, бројни делови во возилото потекнуваат од добавувачите за тркачките модели на Porsche.

Prototyp 918 Spyder

Основната порака на 918 Spyder е да се докаже способноста на хибридниот погон да обезбеди врвна динамика и моќ. Возилото поседува единствен погон на сите тркала. Бензинскиот мотор и еден електромотор даваат моќ на задната оска, а втор електромотор се грижи за предната оска. Тоа е резултат од искуството што Porsche го стекна на трките со 911 GT3 Hybrid. Со дополнителниот преден погон кој може посебно да се дотера се постигнуваат уште поголеми брзини во свијоци.

Prototyp 918 Spyder

Porsche 918 Spyder веќе урива рекорди. Актуелниот рекорд на долгата патека на Нирбургринг е 7:14 минути. Ова време беше поставено во септември 2012 година, односно една година пред стартот на сериското производство на Spyder. Тоа е 20 секунди подобро време од Porsche Carrera GT. Сето тоа, овој болид со хибриден погон со 880 КС го комбинира со просечна потрошувачка од три литри на сто километри.

Prototyp 918 Spyder

За хибридно возило со оваа моќност е примерна тежината од 1.640 килограми. Погонската спрега и деловите што се потешки од 50 килограми се поставени колку е можно пониско и поблиску до средиштето на возилото, заради совршен баланс. На предната оска налегнуваат 43, а на задната 57 проценти од тежината на возилото. Резултатот: Тежиштето на целото возило е на висина на оските. Тоа е спектакуларно достигнување, особено ако се има во предвид дека во возилото се наоѓаат тешки батерии за хибридниот погон.

Prototyp 918 Spyder

Подвозјето исто така се инспирира од мотоспортот и дополнето е со приспособлива амортизација PASM и управување на задната оска. Последново се врши со помош на електромотори кои ги завртуваат задните тркала според брзината и според аголот на вртење на воланот. Тркалата може да се завртат до три степени. На тој начин се постигнува дополнителен поттик за динамичките својства на Spyder во свијоци. Тоа го поседува и новиот Porsche 911 Turbo, исто како и активната аеродинамика.

Prototyp 918 Spyder

Возачот може во секое време да повика еден од петте различни модуси на заедничка работа на електромоторите и бензинецот, кои имаат цел извлекување на максимумот во секоја ситуација, без разлика дали се работи за крстосување со ниска потрошувачка на гориво или за возење на тркачка патека.

Prototyp 918 Spyder

Главната погонска единица е осумцилинарец од 4,6 литри со моќност од 608 КС и максимално дозволени 9.150 вртежи во минута. Исто како во мотоспортот, моторот има сув картер, а дел од компонентите како садот за масло, куќиштето на филтерот за воздух и вшмукувачката гранка се изработени од карбон. Со врвно тјунирање е постигната специфична моќност од 132 КС по литар работна зафатнина, што е врвен резултат за мотор без турбонатполнење.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Golf GTI е количка на педали покрај оваа Kia

Американски Робин Худ ги штити возачите од казни за паркирање