за

Porsche не е виновен за загинувањето на Пол Вокер

Една од ѕвездите на филмскиот серијал „Брзи и бесни“, Пол Вокер, пред повеќе од две години доживеа трагична незгода во Porsche Carrera GT, заедно со пријателот Роџер Родас. Вдовицата на последниов изгуби во тужбата против Porsche.

Porsche е ослободен од вина за смртта на Пол Вокер и Роџер Родас. Така одлучи американскиот суд. Според судијата Филип Гутиерез, не постојат цврсти докази што укажуваат на вина на Porsche. Вдовицата на Роџер Родас, Кристине Родас, поднесе обвинение дека Carrera GT имал пропусти во безбедносната опрема, односно резервоарот не требало да пукне при страничниот судир и безбедносните ремени не функциониале правилно. Родас најави дека ќе поднесе жалба. Околу тужбите од таткото на Вокер и од неговата ќерка уште нема донесено судска одлука. Тие исто така веруваат дека безбедносната опрема на Carrera GT била недоволна да ги заштити трагично загинатите.

Германскиот производител уште пред крајот на минатата година отфрли секаква вина околу трагичниот случај со Пол Вокер и Роџер Родас. Porsche лани во октомври наведе: „Веруваме во извештаите од надлежните проценители, коишто јасно укажуваат дека трагичната незгода е последица од безобѕирно возење и прекумерна брзина.“

По две години од незгодата на американскиот актер, неговата ќерка исто така поднесе тужба против спортската марка. Ѕвездата од „Брзи и бесни“ загина како совозач во Carrera GT во Калифорнија во ноември 2013 година. Во поднесената тужба беше наведено обвинението дека Porsche бил свесен за безбедносните пропусти во конструкцијата на возилото. Поради проблемот со безбедносните ремени, Пол Вокер не можел да излезе од возилото по избувнувањето на пожарот.

Незгодата се случила откако пријателот Роџер Родас изгубил контрола над возилото. По повеќекратни истражни постапки беше утврдено дека Родас возел со над 160 километри на час на улица кадешто е дозволена брзина до 70 километри на час. Автомобилот немал безбедносни пропусти. Според Porsche, Родас самиот бил виновен за незгодата, затоа што извршил преправки на возилото.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Дитер Цече: „Ние сме и остануваме пионери на мобилноста“

Land Rover ќе понуди 25 препородени примероци од пра-теренецот