за

Porsche со најдобар квалитет според JD Power

Студијата на JD Power се темели на бројот на поплаки од сопствениците на нови возила во првите 90 денови по купувањето. Најдобри резултати постигна спортската марка Porsche.

Две третини од проблемите што ги пријавиле сопствениците на нови возила во првите 90 денови произлегуваат од грешки во дизајнот, а не од грешки во производството. Сопствениците сметале дека се работи за дефект, но всушност не можеле да го разберат начинот на функционирање на одделни ставки од опремата или функции на возилото.

„Авто производителите инвестираат милијарди долари во дизајнирање и производство на возила, воведувајќи технологии што ги бараат потрошувачите, но секогаш постои ризик дека дизајнот на возилото или неговата технологија во некои случаи нема да ги исполнат очекувањата на купувачите,“ смета Дејвид Сарџент, потпретседател во JD Power.

Во студијата на реномираната американска компанија, која што се објавува веќе 27-ма година, регистрирани се во просек 113 проблеми на сто возила. Таа понатаму открива дека сопствениците најчесто имаат проблеми со техниката на распознавање на говор и ракување без раце, со поврзувањето преку блутут и со системот за навигација.

Според Сарџент, дел од овие проблеми може да се надмине при преземањето на возилото, преку совети од продавачот за користењето на технологијата, додека другите проблеми може да се надминат со вчитување нов софтвер.

Возилата на Porsche им предизвикуват најмалку проблеми на сопствениците, со просечно 80 поплаки на 100 возила. На второто место е GMC со 90 поплаки, а по него Lexus со 94 поплаки. Водечката петорка ја комплетираат Infiniti (95) и Chevrolet (97). Меѓу 26-те најдобри во студијата има пет модели на Chevrolet и по два модела на Honda, Kia, Mazda и Porsche. Моделите на Chevolet се Avalanche, Camaro, Impala, Silverado HD и Tahoe. Honda е наградена за Civic и CR-V, Kia за Soul и Sportage, Mazda за моделите Mazda2 и MX-5, додека Porsche за Boxster и 911.

Со само 59 проблеми на 100 возила, Lexus LS е најдобро рангиран модел

Другите наградени модели се Acura TL, Buick Encore, Cadillac Escalade, Chrysler Town & Country, Ford Mustang, GMC Sierra LD, Hyundai Genesis Sedan, Infiniti FX, Mercedes-Benz GLK, Nissan Murano, smart fortwo и Toyota Camry.

[box type=”shadow” ]Награда за фабриките на Toyota

Фабриката на Toyota во Индијана, од каде што излегува Camry, доби награда за производство на возила со најмалку дефекти. Од фабриките во Азиско-пацифичкиот регион, фабриката на Toyota во Јошивара, исто така е наградена од JD Power за квалитетот на производство. Тука се произведуваат Lexus LX и Toyota Land Cruiser. Во Европа, најдобра е фабриката на Audi во Некарсулм, каде што се произведуваат моделите A4, A5, A6, A7 и A8.[/box]

jd power marki

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Mercedes AMG со 18 нови модели летово

Теренецот на Renault со нов изглед и побогата опрема