Автомобилскиот бизнис во Европа е во криза веќе две години. Со опаѓањето на продажбата се намалува и заработката. Единствено премиум марките и натаму заработуваат добро.
За прв пат по две години продажбата на возила во Европа бележи раст два месеца едноподруго. Во октомври се продадоа за пет проценти повеќе возила отколку во септември, соопштува европската асоцијација на авто производители. Можно е продажбата да продолжи да бележи зголемување.
Но, зголемената продажба не ги радува производителите, затоа што е постигната со големи попусти и скусување на заработката. Последната студија на Институтот за истражување на автомобилската продажба од германскиот Дуизбург покажува колку биле профитабилни производителите во првите три квартали од годинава, односно колку производителите заработувале од секое продадено возило. Во анализата се зема во предвид само заработката од продажбата на автомобили, без дополнителните деловни полиња, како на пример продажбата на мотоцикли на BMW или бизнисот со недвижнини на Toyota.
Ferrari и Maserati со просечна цена од 194.427 евра и заработка од 24.354 евра
Вообичаено, најмногу заработуваат премиум производителите. Меѓутоа и кај нив се забележува опаѓање на заработката – со исклучок на Porsche. Спортската марка од Цуфенхаузен во просек заработувала од секое продадено возило по 16.481 евра, кај BMW заработката е 3.403 евра, кај Audi 3.169 евра и кај Mercedes 2.365 евра. Апсолутно најголема заработка постигнуваат Ferrari и Maserati, со 24.354 евра по возило – но и цената по која што се продаваат нивните возила е астрономски висока и во просек изнесувала 194.427 евра
Hyundai е шампион во профитабилност меѓу големосериските производители
Заработката по возило е значително помала кај обичните марки. Според анализите на Институтот, на врвот е Toyota со 1.587 евра по возило, што воедно е двапати повеќе отколку во минатата година, кога од секое возило Јапонците касираа по 707 евра, како резултат од скапите сервисни акции и катастрофалното цунами. На второто место е корејската марка Hyundai, која заработува 1.255 евра по возило. Никој друг големосериски производител не постигнува поголема маржа од нив – 9,6 проценти! Сестринската марка Kia исто така е меѓу најпрофитабилните, со 839 евра по возило.
Fiat и натаму губи од секое продадено возило
Трет на списокот на најпрофитабилни производители е Chrysler со 972 евра, иако тоа претставува пад од 607 евра во споредба со ланскиот период. Потоа следат Ford (961 евра), Nissan (919 евра), Skoda (708 евра), Honda (669 евра). Дури по оваа група е најголемата европска марка Volkswagen, со 605 евра, пред General Motors со 449 евра. На крајот на списокот и натаму е Fiat, со губиток од 165 евра по возило, исто како и Peugeot-Citroen и Renault.
Колку заработуваат производителите по возило?
(во периодот од јануари до септември 2013)
Просечна цена на возило (€) | Заработка по возило (€) | Маржа (%) | Продажба (х 1000 возила) | |
Toyota, Lexus | 17 887 | 1 587 | 8,9 | 7 411 |
Hyundai | 13 049 | 1 255 | 9,6 | 3 450 |
Chrysler | 21 095 | 972 | 4,6 | 1 790 |
Ford Auto | 16 697 | 961 | 5,8 | 4 720 |
Nissan | 16 933 | 919 | 5,4 | 3 718 |
Kia | 11 898 | 839 | 7,1 | 2 074 |
Skoda | 14 055 | 708 | 5,0 | 7 365 |
Honda Auto | 17 344 | 669 | 3,9 | 2 948 |
Volkswagen | 21 215 | 605 | 2,9 | 3 499 |
General Motors | 11 801 | 449 | 3,8 | 7 252 |
Fiat | 13 153 | -165 | -1,3 | 1 365 |
Seat | 14 976 | -278 | -1,9 | 335 |
Opel-Vauxhall | 14 474 | -487 | -3,4 | 778 |
Ford Europe | 15 157 | -756 | -5,0 | 1 042 |
* Peugeot, Citroen и Renault не се влезени во анализата, затоа што уште ги немаат изготвено извештаите за третиот квартал
.. и колку заработуваат премиум марките?
Просечна цена на возило (€) | Заработка по возило (€) | Маржа (%) | Продажба (х 1000 возила) | |
Audi | 31 300 | 3 169 | 10,1 | 1 181 |
BMW | 35 727 | 3 403 | 9,5 | 1 436 |
Mercedes | 41 116 | 2 365 | 5,8 | 1 142 |
Ferrari-Maserati | 194 427 | 24 352 | 12,5 | 13 |
Porsche | 90 600 | 16 461 | 18,2 | 115 |