Со почетокот на производството на новиот 718 Cayman, сите спортски модели со две врати на Porsche отсега ќе изгледуваат од матичната фабрика во Цуфенхаузен. Дневно ќе се произведуваат по 240 возила.
Porsche започнува ново поглавје во 75-годишната историја на фабриката во Цуфенхаузен. Со успешниот старт на производството на третата генерација на купето 718 Cayman во традиционалната фабрика во близина на Штутгарт, Porsche отсега ќе ги произведува сите свои спортски модели со две врати во своето матично седиште. Лани таму стартуваше производството на новиот Porsche 911, а пролетоска и новата генерација на родстерот 718 Boxster.
Кон средината на август, Цуфенхаузен ќе го достигне полниот производствен капацитет од 240 возила дневно, односно за 20 возила повеќе од актуелната продукција. Porsche во минатата година продаде 22.663 примероци од купето и родстерот со средишно вграден мотор, наспроти 23.597 примероци во претходната година, што се должи на генерациската смена на моделите.
Четирицилиндарски турбо, место шестцилиндарски атмосферец – но, боксер
Во новата генерација на Cayman и Boxster, отсега со дополнителна ознака 718, Швабите преминаа на четирицилиндарски боксер со турбонатполнење, место шестцилиндарски атмосферски мотор, заради задоволување на строгите еколошки норми. Cayman и Boxster за првпат располагаат со мотори со идентична моќност. Основниот мотор извлекува 300 КС од два литри зафатнина, додека во спортските верзии со дополнителна ознака S следуваат 350 КС од 2,5 литри.
Продажбата на родстерот 718 Boxster стартуваше уште кон крајот на април. Нарачките за Porsche 718 Cayman и спортската верзија 718 Cayman S се отворени, испораките ќе следуваат кон крајот на септември. Цената во Германија за основниот и најевтин модел на Porsche изнесува 51.623 евра, додека верзијата S чини 64.119 евра. Родстерот 718 Boxster е поскап за околу 2.000 евра.
















