Воведувањето на моделот Macan се покажа вистински погодок за спортската марка од Цуфенхаузен. Во десетте месеци досега, од компактниот теренец се продадоа близу 70.000 примероци. Теренците на Porsche се продаваат подобро од купеата.
Porsche е несопирлив на патот на успехот. Во првите десет месеци од 2015 година, спортската марка продаде повеќе отколку во дванаесетте месеци во минатата година, со над 190.000 испорачани возила. Само во октомври се продадоа 18.699 возила на Porsche низ светот, што претставува зголемување од 18 проценти во споредба со ланскиот октомври.
Носечките заслуги за ова достигнување се на моделот Macan. Компактниот спортски теренец е бестселер на Porsche во оваа година со близу 70.000 примероци. Одлично се одвива и продажбата на Cayenne, со над 60.000 возила, односно 12% повеќе отколку во периодот од јануари до октомври лани. Ниту продажбата на моделот 911 не осцилираше премногу, иако моделот доживеа генерациска смена. Од јануари до октомври, од овој модел се продадоа 27.281 возило или 7% повеќе отколку лани.
Најголем пазар во октомври е Кина, каде се испорачаа 4.950 возила, а следат САД со 4.070 возила. Европскиот пазар за марката се зголеми за 11%, на 6.691 возило, со Германија како најголем пазар во Европа, со 2.644 возила.
















