за

Porsche го претстави новиот 911 Carrera GTS со 430 КС

Швабите стартуваат со втората генерација на моделот што се позиционира меѓу Carrera S и GT3, со 430 КС, пакет Sport Chrono, активни амортизери и подвозје спуштено за 10 милиметри.

Во колку варијанти се нуди Porsche 911? Пет, шест, можеби осум? Ниту приближно. Со новите две верзии, понудата на марката од Цуфенхаузен моментно вклучува дури дванаесет верзии на култниот модел. На актуелните Carrera и Carrera S, Carrera 4 и Carerra 4S, Turbo и Turbo S, Targa 4 и Targa 4S, GT3 и јубилејниот модел за 50-годишнината на Porsche 911, од ноември ќе им се придружат Carrera GTS и Carrera 4 GTS. Ако на тоа се вклучат уште кабриолет верзиите, бројот достига точно 20 моделски изведби! Иако на лаиците тоа може да им изгледа збунувачки, познавачите точно знаат каде да ги позиционираат своите потреби и желби при изборот на моделот. Новите модели GTS, во купе и кабриолет изведба, со погон назад или на сите тркала, позиционирани се во празнината меѓу Carrera S и тркачкиот GT3.

Во комбинација со менувач со двојна спојка, 911 Carrera GTS спринтува најдобро до 100, за точно 4,0 секунди, а крајната брзина на сите четири изведби е над 300 km/h. Најбрзо е купето со заден погон и мануелен менувач, со 306 km/h. Во стандардната опрема спаѓаат биксенонски динамични светла и спортски издув карактеристичен за GTS, спортски седишта во комбинација од кожа и алкантара и ентериер обложен исто така со алкантара.

Исто како и во претходната генерација, моделите GTS се разликуваат и однадвор од другите модели во потсемејството Carrera. Сите модели ја поседуваат каросеријата од 911 Carrera 4 со проширени крила на задната оска, соодветно на пошироката трага на тркалата. GTS стандардно вози со бандажи од 20 инчи со централна завртка, ексклузивно лакирани во мат црна боја. Носот на возилото е препознатлив по специјалните спојлери и затемнетите светла, додека опашот се разликува по црно лакираните лајсни на специфичните отвори за воздух за GTS и по издувните цевки лакирани во црна боја.
Цената на 911 Carrera GTS на германскиот пазар, вклучувајќи ДДВ од 19 проценти, изнесува 117.549 евра, испораката започнува во ноември.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ford најавува отворање на „Vignale Lounges“

Бумот на малите теренци ги спасува големите производители