за

Peugeot организира масовно тестирање на електричните модели во Франција

Peugeot им нуди на заинтересираните возачки и возачи во Франција посебно организирани тест возења на електрични модели, што се скроени точно според личните желби и потреби.

Најголемиот непријател на електромобилноста се предрасудите. Многумина ги критикуваат електричните автомобили без притоа да имаат какво било искуство со возење таков автомобил. Peugeot има оригинално решение за тоа.

Март за заинтересираните купувачи на електричен автомобил во Франција ќе биде месец на тест возење на моделите на Peugeot со погон на струја. Во кампања што е насловена „Les Essais Uniques“, француската марка понуди досега единствен вид на организација на тест возењата.

Целта на кампањата на Peugeot е возачите да стекнат искуство со возењето електричен автомобил. Нереткос е случува возачи што имале предрасуди околу електричниот погон, по возењето таков автомобил целосно да го сменат мислењето и со одушевување да се решат за електричен автомобил, место за модел со вообичаен бензински или дизел погон.

Посебноста на „уникатните пробни возења“ е во тоа што заинтересираните возачки и возачи добиваат можност тест возењето да го скројат точно според своите желби и потреби. Тоа што обично не се нуди при пробното возење: Може да се избере времетрањето на возењето, датумот и часот, видот на патиштата по коишто ќе се вози, па дури може да се одреди и тема на којашто ќе се разговара со стручните лица за време на пробното возење. Темата може да биде самиот електричен погон, техниката, досегот, начините на полнење, онлајн-поврзувањето и услугите. Дури може да се нарача и музиката што ќе го придружува возењето.

Тестирањата ќе се изведуваат во присуство на експерт за технологија на Peugeot, со титула на „Test Drive Genius“. Генијалната или генијалецот на француската марка ќе бидат подготвени да одговорат на сите прашања.

Регистрацијата се организира онлајн, преку францускиот вебсајт essai.peugeot.fr.

Peugeot има најширока понуда од модели со електричен погон, вклучувајќи целосно електрични или приклучни хибридни модели: e-208, e-2008, e-Rifter, 308 Hybrid, 3008 Hybrid, 508 Hybrid.

Нашите патешествија низ Македонија со електричните модели на Peugeot

Електрично Peugeot e-208 го прошета цело Мариово

Peugeot 3008 Hybrid4 е лав со одмерен залак

Сите модели на Peugeot што се во понуда на македонскиот пазар, со цени и детални технички податоци, како и можност за споредба, можете да ги погледнете на нашиот онлaјн-каталог Автосалон МК, на следниот линк https://avtosalon.mk/inventory/?marka=peugeot

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Audi ги запре лентите на една минута во знак против војната во Украина

Volkswagen W12 поставуваше рекорди долго пред Bugatti