за

Volkswagen W12 поставуваше рекорди долго пред Bugatti

Пред повеќе од две децении, Volkswagen W12 постави седум светски рекорди во брзина на прочуената тркачка патека Нардо во Италија.

Целата слава околу моторот со W-конструкција ја понесе Bugatti, како најпретставителна марка во концернот Volkswagen. Но, овој мотор претходно работеше во еден специјален модел од друга марка – во матичната марка Volkswagen.

Денес е малку познат фактот дека Bugatti Veyron не е првиот суперспортски автомобил со мотор со уникатната W-конструкција на Volkswagen, со четирикратно турбонатполнење. Долго пред него, мотор со распоред на цилиндрите во W работеше во автомобил што носеше знак VW на хаубата.

Со каросерија со врвна аеродинамичност и со впечатлив дизајн, потпишан од Џорџето Џуџаро и од неговиот ItalDesign, германската марка го претстави W12 Concept Coupe на салонот во Токио во 1997 година. Тоа беше автомобил од ист ранг со подоцнежниот Veyron, суперспортски автомобил до последната завртка.

New item by Automedia MK / Google Photos

Во времињата кога Фердинанд Пиех, внук на Фердинанд Порше, раководеше со концернот Volkswagen, многу предрасуди паѓаа. Техно-фанатикот што направи концернот од Волфсбург да стане тоа што е денес, меѓу другото му докажа на светот и дека автомобил Volkswagen не мора да биде семеен автомобил. Така и бидна, концептот W12 понуди луксуз и перформанси што малку кој друг производител можеше да ги достигне.

Во W12 Concept Coupe работеше 5,6-литарски мотор W12, добиен со спојување на два мотори VR6 од 2,8 литри. Самиот VR6 беше впечатлива конструкција, со исклучително мал агол (15 степени, место вообичаените 60 степени) меѓу двата реда цилиндри. Тоа овозможи моторот да се вгради попречно, на пример во Golf. Ширината на блокот на моторот беше дури и помала отколку на петцилиндарец, меѓутоа во поглед на работната зафатнина и моќноста, VR6 беше сосем на ниво со класичен V6.

New item by Automedia MK / Google Photos

Моќноста на W12 добиен од два мотори VR6 изнесуваше 414 КС, што се пренесуваше до сите тркала преку погон Syncro, во комбинација со 6-степен секвенцијален менувач

Сцената буквално полуде по W12. Автомобилот не доживеа да влезе во сериско производство, меѓутоа неспорно е дека тоа е првиот суперавтомобил на Volkswagen. Своевиден спектакл беше и ветробранот, поточно ветробранот, покривот и задниот прозорец, сето тоа изработено од еден единствен стаклен панел. Однадвор можеше убаво да се види моторот W12. Секако дека и вратите се отвораа нагоре, во стил на Lamborghini.

Бидејќи сцената уште зборуваше со жар за суперавтомобилот на Volkswagen, на салонот во Женева во 1998 година беше претставена и родстер изведба на Volkswagen W12

New item by Automedia MK / Google Photos

По три години следеше уште еден светски спектакл. Во 2001 година, Volkswagen најави дека ќе се впушти во обид за поставување брзински рекорд за 24-часовно возење, на 12,5-километарската патека Нардо во јужна Италија.

Прототипите на W12 во меѓуреме напредуваа. Моторот W12 порасна на шест литри, додека моќноста на моторот се зголеми на 591 КС. Техничарите се откажаа од погонот на сите тркала од концептниот автомобил, за тежината да ја сведат на само 1.200 килограми. Суперспортското купе спринтуваше до темпо сто за помалку од четири секунди.

New item by Automedia MK / Google Photos

Во октомври 2001 година, W12 се најде во својот елемент и извозе 7.082 километри со просечна брзина од 292,2 km/h. Секако дека тоа беше светски рекорд. Потфатот беше уште поубедлив поради фактот што W12 тогаш го доживеа своето прво тестирање надвор од фабрика.

New item by Automedia MK / Google Photos

Тоа уште не беше крајот за W12, техничарите знаеја дека во оваа техника има уште многу потенцијал. На 23-ти февруари 2002 година, W12 со ознака Nardo се врати на италијанската патека и за 24 часа извозе 7.738 километри со просечна брзина од 322,8 километри на час. Тие што се сомневаа во издржливоста на W-конструкцијата на моторот, беа целосно побиени со новиот рекорд на W12 Nardo. Автомобилот во еден цуг постави седум светски рекорди и 12 интернационални рекорди во класа. Повеќето од рекордите на Nardo важат до денес.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Сите модели на Volkswagen што се во понуда на македонскиот пазар, со цени и детални технички податоци, како и можност за споредба, можете да ги погледнете на нашиот онлaјн-каталог Автосалон МК, на следниот линк https://avtosalon.mk/inventory/?marka=volkswagen

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Peugeot организира масовно тестирање на електричните модели во Франција

Студија во САД: Загадениот воздух ја смалува интелигенцијата