за

Пежо: Лани 17 пазари имале највисок удел на марката со лавот во последните 15 години

Шефицата на Пежо, Линда Џексон, ги објави резултатите за минатата година: Продадени преку 1,1 милион возила, една третина се продадени надвор од ЕУ.

Пежо во 2023 година ја зголеми продажбата за 6 проценти, со вкупно 1.124.268 патнички и доставни возила. Француската марка повторно го засилува своето присуство на светскиот пазар.

Близу една третина (28,2%) од продажбата на Пежо во минатата година била постигната на пазари надвор од ЕУ29. Тоа е раст од 0,8 процентен бод наспроти 2022 година, кога 27,4 проценти од продажбата отпаѓаше на пазарите надвор од Унијата.

Тоа што посебно го нагласува првата дама на марката со лавот, Линда Џексон, се 17-те држави во коишто Пежо во минатата година го постигнал најголемиот пазарен удел во последните 15 години. Тоа не значи друго, освен дека Пежо лани привлекла повеќе купувачи отколку останатите производители.

Автомобилите со лавот се први на европскиот пазар во сегментот на градски електрични автомобили – тоа се Е-208 и Е-2008. Пежо води и кај електричните доставни возила со Е-Партнер, Е-Експерт и Е-Боксер.

Батериските електрични и хибридните модели на Пежо учествуваат со 18 проценти во продажбата.

Со лансирањето на Пежо 408 и со новиот Е-3008, француската марка ја насочува својата понуда и кон премиум сегментот.

Европа купи 811.722 возила Пежо во 2023 година, освојувајќи 5 проценти од пазарот. Во Данска, 208 е најпродаван градски модел, марката во Франција е втора со заедничката продажба на патнички и доставни возила, а со комбинираната продажба е прва во Португалија, и тоа трета година во низа. Во соседна Грција, Пежо уште од 2019 година е лидер, со патничките и товарните возила заедно.

Пежо 408 ја предводи продажбата на модели во компакт класата со приклучен хибриден погон

Најголеми пазари на Пежо во 2023 година

Франција

305.295

Италија

91.319

Обединето Кралство

88.467

Турција

78.632

Шпанија

75.625

Германија

55.251

Аргентина

41.931

Белгија и Луксембург

39.586

Кина

37.003

Бразил

34.920

На Средниот Исток и Африка, биле испорачани 135.065 возила, а пазарниот удел е 3,3 проценти. Пежо е најбрзо растечка марка во Топ 10, со удел од 6,4 проценти.

Латинска Америка е трет најголем пазар, со 103.660 возила и удел од 2,8 проценти. Посебно се издвојува Аргентина, локален пазар за Пежо, каде што уделот достигнува рекордни 9,9 проценти за марката. Пежо 208 е втор најпродаван модел воопшто.

Возила се испорачуваа и во Кина, Индија и во поширокиот регион (60.595 возила), како и во Северна Америка, главно во Мексико, каде што се продадоа 13.224 возила.

Најпродавани модели на Пежо во 2023 година

Пежо 208 · 300.640
Пежо 2008 · 204.773
Пежо 3008 · 133.772
Пежо 308 · 106.826
Пежо Партнер / Рифтер · 121.560
Пежо 408/408 Крос · 55.962
Пежо 5008 · 55.815

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Торино го прославува успехот на Фиат 500 со серија „Колеционе 1957“

Британија помага училиштата да постават електрични полначи