за

Торино го прославува успехот на Фиат 500 со серија „Колеционе 1957“

Тековниот Фиат 500 е на пазарот уште од 2007 година и до денес нема загубено ниту грам од полетот. „500 Колеционе 1957“ е уште една серија за колекционерите.

Фиат во 1957 година му го подари на светот најголемиот малечок автомобил на сите времиња, чинквеченто, Фиат петстотини. Тогаш народот почнуваше да вози, автомобилите станаа достапни, а Фиат 500 на сето тоа додаде италијанска долче вита. Фиат 500 е исто толку симбол на Мејд ин Итали, колку што се Ферари или Пининфарина.

За уште еднаш да го одбележи трајниот успех на 500, Торино смисли уште една специјална серија. Колеционе 1957 ќе се изработи во точно тој број примероци. Освен во Европа, серијата ќе биде достапна и во Јапонија. Чинквеченто им е новата миленичка на самураите и нинџите.

Серијата Колеционе 1957 се базира на кабриолет изведбата и располага со ексклузивни детали. Фиат е лакиран во бела џелато и руџиада зелена боја, со покрив во беж боја. Каросериските детали се изведени во сребрен финиш, а тркалата од 16 инчи се бели.

Хромираните капи на ретровизорите се ретро детал. На прозорците со ситопечат е напишано 1957. Седиштата се во боја на слонова коска, со додатоци од скапа Фрау кожа и со логото на серијата. На арматурната табла се поставени дрвени панели. Не отуствува и бројот на возилото во серијата.

Од опремата, има хромирани детали, диодни дневни светла, магленки, средишен дисплеј од 7 инчи. Моторот е 1,0-литарски благ хибрид со 70 КС, со мануелен менувач. За Јапонија оди верзијaта со 1,2-литарец, со 69 КС и роботизиран менувач.

Од 2007 година, од чинквеченто се продадоа преку 3,2 милиони примероци, од кои 2,7 се возат во Европа. Во 2023, Фиат 500 беше втор најпродаван модел од мини-сегментот на континентот, веднаш по еден друг модел на Фиат, Панда.

Фиат 500 е најпродаван во својот сегмент во Германија, Шпанија, Австрија, Белгија и Португалија, а втор во Италија и Полска, и трет во Франција и ОК.

Аутомобиле СК веродостојно го почитува 500 и во салонот на „аутоштрасе“ ретко дека некој помни да немало барем еден примерок од моделот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Во ЕУ може да ти одземат дозвола во една, но да возиш нормално во друга држава

Пежо: Лани 17 пазари имале највисок удел на марката со лавот во последните 15 години