Доколку возач во иднина дрско ја пречекори брзината на возење, тој понатаму не ќе смее да управува со автомобил во која било држава во ЕУ. Новиот закон предлага во одредени услови да се одземе дозвола при пречекорување на брзината за повеќе од 30 километри на час.
Парламентот на ЕУ повика на проширување на забраната за возење на ниво на целата Европска Унија. Како што соопштува Парламентот во Стразбур, пречекорување на брзината за 50 километри на час може во иднина да доведе до одземање на дозволата за управување со автомобил.
Во градска средина, границата ќе биде поставена на пречекорување на брзината за 30 километри на час. Доколку на возач му се изрече забрана за возење во некоја држава членка на ЕУ, во рок од 25 денови ќе се одлучува дали таа ќе важи на ниво на цела ЕУ или нема да важи.
Забраните за возење досега важеа само во земјата во којашто е направен прекршокот. Доколку на пример на германски возач му биде одземена дозволата во Италија, тој и натаму ќе може да управува автомобил во Германија. Донесување заедничка регулатива ќе придонесе за подобрување на безбедноста, ценат од клубот АДАК.
До стапувањето во сила ќе мине уште извесно време
Европските пратеници имаат намера возењето без возачка дозвола да го вклучат во списокот на тешки сообраќајни прекроци. Во тој список спаѓаат меѓу другото возење под дејство на алкохол и предизвикување незгода со загинати. На тој начин, одземањето на возачката дозвола автоматски ќе ѝ се соопштува на државата на ЕУ, што ја има издадено истата.
До стапувањето на регулативата во сила сепак ќе мине извесен период. Прво мора да се договори компромис со државите на ЕУ, коишто досега уште немаат постигнато заеднички став.
Преговорите ќе почнат дури во лето, кога се избира нов Парламент на ЕУ. Доколку се постигне договор, државите имаат две години време, да ги внесат пдредбите во своите закони.
Разидување околу поединостите
Во основа, речиси сите фракции се согласни со одредбите. Според бројките од Комисијата на ЕУ, дури 40 проценти од сообраќајните прекроци што се прават во странство остануваат неказнети. Некои пратеници бараат да бидат вклучени и опасно престигнување, како и бегство на возач. Други бараат забраната да се изречува само за најтешки прекршоци.
















