за

Кинезите во јануари побрзаа да купат автомобил

Кинеската Нова 2024 Година се паѓа во февруари. Бидејќи во земјата ништо не работи цела седмица, некои побрзаа да си купат автомобил во јануари.

Продажбата на нови автомобили во Кина во јануари забележа огромен пораст, што се должи на фактот што според кинеското сметање на времето, Новата Година во 2024 се паѓа во февруари.

На кинескиот автомобилски пазар во јануари беа продадени значително повеќе автомобили отколку лани во истиот месец, кога се славеше кинеската Нова Година. Испораките на нови патнички автомобили се зголемија за 58 проценти, на 2,04 милиони автомобили, соопшти кинеското здружение за патнички автомобили.

Лани прославата на кинеската Нова Година се падна во јануари, а годинава е во февруари. За време на новогодишната прослава, во Народната Република цела седмица мирува целиот јавен живот.

Во споредба со декември, испораките на возила сепак забележија пад од 13 проценти. Кај електричните автомобили исто така изостана бумот во продажбата за почеток на годината. Според објавените податоци од кинеското здружение на производители на автомобили, во јануари од фабриките биле дистрибуирани значително помалку електрични автомобили до дилерите, отколку во декември. Причината е тоа што голем број од производителите извршија притисок за продажбата да се забрза пред завршетокот на годината.

Жестока ценовна војна

Во минатата година значително се засили ценовната војна на кинескиот пазар, посебно кај електричните автомобили. Домашните производители ги потиснаа странските марки со големи попусти. Така се случи производителот на електрични авотмобили БИД да го преземе првото место од Фолксваген, коишто со децении беа предводници во продажбата во Кина. Во последното тромесечје лани, БИД дури ја престигна и Тесла, како најголем производител на електрични автомобили.

Кина е најголем автомобилски пазар во светот, а за голем број европски марки исто така е најголем единечен пазар во светски рамки, вклучувајќи ги Фолксваген, Ауди, Порше, БМВ и Мерцедес-Бенц.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тојота Ц-ХР почнува од 33.990 евра

Во ЕУ може да ти одземат дозвола во една, но да возиш нормално во друга држава