за

Што се случува меѓу PSA и Fiat?

peugeot 403 cabrio inspektor kolumbo

Денешните времиња носат брзи промени. Пред шест години, на францускиот концерн PSA, со марките Peugeot, Citroën и DS, му се закануваше стечај. Спасот пристигна од Кина, откако Dongfeng се приклучи во компанијата. Во исто време, француските власти му гарантираа на PSA заем во висина од седум милијарди евра. На тој начин се спречи концернот со непроценливо вредна традиција да западне во неизвесност околу опстанокот.

Откако Португалецот Карлос Таварес го презеде кормилото, компанијата повторно се движи во добар правец. PSA повеќе не е загубар и пред две години го презеде Opel од американскиот General Motors. Како што пишуваат француските медиуми, претстои склучување на уште една алијанса.

Французите фрлија око на итало-американскиот концерн Fiat Chrysler. Роберт Пежо, шеф на семејниот холдинг FFP, во интервју за францускиот економски дневник „Les Echos“, открива дека тие уште од самиот почеток го подржувале проектот за Opel. Тој додава дека „во случај да се укаже следна можност, нема да се двоумиме. Карлос го знае тоа.“

Со двете компании управуваат моќни фамилии, Пежо и Ањели

Fiat е речиси логичен избор за ширење на концернот, затоа што двете фамилии сопственици, Пежо и Ањели, добро се познаваат, а и компаниите имаат успешна соработка во подрачјето на лесните доставни возила. Покрај тоа, француската држава има позитивен став за втор мултинационален автомобилски концерн, покрај алијансата Renault-Nissan-Mitsubishi.

Преку здружувањето со Fiat Chrysler, на Французите им се отвора и северноамериканскиот пазар. Вториот најголем производител на автомобили во Европа моментно е присутен само во градовите Сиетл и Вашингтон, со возен парк достапен за јавно користење (car sharing), кој сепак не опфаќа возила од сопствено производство.

Како сеќавање на американското поглавје остана Peugeot 403 Cabrio на инспектор Колумбо

Peugeot се збогуваше со американскиот пазар пред околу 25 години, поради слабата продажба. Како сеќавање на тие времиња остана Peugeot 403 Cabrio, возилото на инспекторот Колумбо, од истоимената тв-серија. Таварес на крајот на февруати најави дека ќе се врати на тамошниот пазар „на мошне креативен и крајно неконвенционален начин.“

Во последниве години честопати се слушаа шпекулации дека Peugeot планира враќање во САД, но овојпат се чини дека концернот е сериозен за својот камбек. Уште пред три години, Таварес изјави за дневникот „Le Figaro“ дека повеќе модели на Peugeot се хомологирани според американските норми, а притоа од голема помош се покажале инженерите на Opel, кои претходно работеле за General Motors.

Уште постои голема неизвесност околу воведувањето царини за европските автомобили

Според актуелните планови, возилата произведени во Европа и Кина ќе се извезуваат во Канада и САД. Но, конечниот бизнис план ќе се склучи дури откако ќе се разреши прашањето околу американските царини за европските возила.

Поранешниот шеф на Fiat Chrysler, Серџо Маркијоне, кој почина лани, долго време бараше нов партнер за концернот. Меѓу можните кандидати се спомнуваше и Hyundai. Наследникот Мајк Менли неодамна изјави дека неговиот концерн е отворен за алијанси и можни фузии, „само во случај ако имаат смисла.“

Opel во Русија, Peugeot во Северна Америка, Citroen во Индија

Половина век на Peugeot 204 Coupe и Cabriolet

Fiat 500X продолжува со продажба на пазарот во САД

 

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen Caddy kit povisok

Теренците се спуштаат, комбињата одат во висина

Tesla држи цена повеќе од Porsche и Audi