Новото моделско годиште на Пежо Е-Травелер, електричната изведба од моделот од средината на понудата на доставни возила на марката со лавот, доаѓа поштедлива, поудобна и поелегантна.
Пежо го претставува својот Е-Травелер како совршен сопатник за сите професионални служби, што бараат возило за удобен превоз на повеќе патници, заедно со многу багаж.
Две должини стојат на располагање. Стандардна од 4,98 метри и долга од 5,33 метри. Со висина од 1,9 метар може да се пристапи во повеќето катни гаражи.
Главни купувачи на Е-Травелер се хотели, шатл-превоз, такси и слични служби. Возилото може да биде опремено со 5 до 9 седишта. Може да се нарача и изведба за луксузен превоз, со 4 засебни седишта што може да се завртат едно кон друго. На тоа се надоврзува и висока опременост, вклучувајќи ставки како климатизација во три зони или стаклен покрив.
Кабината е приспособлива и седиштата може да лизгаат по должина или да се отстранат. Со неколкуте степени на контрола на тракцијата, Е-Травелер може да се користи и во скијачки центри, во услови на возење по снег. На располагање стои и систем за забавено спуштање по надолнина.
Кога се бара максимален број седишта, изборот е Е-Експерт Комби, со најмногу 9 седишта и зголемена практичност, што Пежо го има предвидено за клубови, здруженија и сл.
Во изведбата со 9 седишта, Е-Травелер нуди багажник од 1,5 метар кубен, односно три метри кубни во изведба со пет седишта. Батеријата е сместена во подот и не одзема корисен простор. Во случај во кабината да останат само две седипшта, тогаш зафатнината за товарење е 4,9 метри кубни.
Новото моделско годиште доаѓа со сменет изглед во предниот дел, за да се усогласи со останатите модели во гамата на Пежо. Тоа вклучува нова маска со лавот во средина, ЛЕД за сите функции на светлата, а секако е тука и препознатливата „канџа“. Сето тоа е заокружено со нов дизајн на браникот
Арматурната табла исто така е сменета целосно и сега располага со дигитални инструменти и голем средишен дисплеј, двата со пречник од 10 инчи. Воланот е нов, со опција за греење. Со преоѓањето на новиот бирач за степени за возење се ослободи и повеќе простор за прегради.
Седиштата се обложени со поквалитетен материјал, опција е перфорирана кожа.
Сите системи за асистенција од лимузинската програма се нудат и кај Е-Травелер, а тоа опфаќа од камера за знаци, до самостојно запирање при пешак или велосипедист пред возилото.
Со полна батерија може да се патува до 350 километри
Електромоторот е познат од целата гама, со 100 киловати (136 КС) и 260 њутнметри вртежен момент. Крајната брзина е ограничена на 130 километри на час.
View this post on Instagram
Во случај кога е доволен досег од 224 километри и се набавуваат повеќе возила за возен парк, Пежо ја нуди подостапната изведба со батерија од 50 киловатчасови. Кога треба да се избере поскапата изведба, тогаш во електричниот Травелер се вградува батерија од 75 киловатчасови и соодветно поголем досег, до 350 километри.
Промени има во регенерацијата на Е-Травелер, односно во искористувањето на залетот при спуштање по надолнина или забавуање, за енергијата да послужи за дополнување на батеријата. Сега може да се избира меѓу три степени на регенерација.
Потсетување на историската тура со целосно електричен е-208 до мариовска Градешница, до селото на Итар Пејо
Во крајниот степен, забавувањето при отпуштањето на педалот за возење е најсилно и соодветно и регенерацијата е поделотворна. Во тој случај, притискањето врз сопирачките ќе биде многу поретко. Степените се избираат со рачки зад воланот.
Секој Е-Травелер излегува од фабрика со вграден полнач од 7,4 киловати. Со доплата може да се добие посилен полнач, од 11 киловати, а со тоа и полнењето ќе биде побрзо.
Доколку се користи брз полнач со 100 киловати, помалата батерија се полни од 5 до 80% за 38 минути, поголемата за 45 минути.
Со домашен полнач од 11 киловати, треба да се смета на 4 часа и 50 минути, односно 7 часа и 30 минути со поголемата батерија.