Најиталијанската од сите италијански марки го подготвува својот следен голем настан за следниот вторник, на 21-ви ноември, којшто ќе биде посветен на најмалечкиот модел што Фиат го има во понуда, Тополино.
Тополино е италијански збор за глувче. Најпознатото глувче на сите времиња е Мики Маус. Секако дека Италијанците не ја пропуштаат оваа врска и за следната недела подготвуваат голем настан. Пет примероци од Тополино ќе добијат графика што е инспирирана од филмовите на Волт Дизни.
Уште е свежо одбележувањето на 100-годишнината од основањето на компанијата Волт Дизни, што се случи на 16-ти октомври. Компанијата денес вработува повеќе од 200.000 лица и покрива пазар вреден 150 милијарди долари.
Торино сака својот феномен-модел да го поврзе директно со овој свет, што не познава младо и старо, богато и неботато. Тополино останува во средиштето на вниманието на италијанската марка и во време кога Фиат го има следниот нов модел, електричниот и хибриден 600.
На 21-ви ноември, извршниот директор Оливие Франсоа ќе ги прикаже пред светот петте примероци од Тополино, што во изгледот имаат елементи инспирирани од светот на цртаните филмови на Дизни.
Четири од петте „нацртани“ автомобили – реално се четирицикли од категоријата Л7е – потекнуваат од дизајнерите во Чентро Стиле, додека еден е дело на Џорџо Кавацано, еден од најпознатите цртачи на Дизни. Неговата креација ќе се повикува на неодамна одбележаната стогодишнина на компанијата.
На најавната слика за настанот е прикажана прочуената пробна патека врз некогашната фабрика на Фиат во Лингото, Торино. Таму своевремено се испробуваа и усовршуваа сите нови модели на италијанската марка. Цртежот од патеката е во боите на Дизни. Може да се претпостави дека и самиот настанот ќе се одржи на тоа историско место.
Во продолжение е кусиот филм во којшто дизајнерите во Чентро Стиле зборуваат за новиот предизвик за Тополино-Дизни.