за

Со електричен Peugeot e-Rifter на одмор во природа

Постои ли нешто поприродно од тоа, со електричен кампер да се појде на одмор во природа? Peugeot e-Rifter Vanderer има и тоа колку смисол.

Пазарот на возила и услуги за кампување доживеа вистиска преродба во времето на пандемијата. Залетот држи уште, се бараше и се бара возило повеќе и место повеќе. Нормално дека Peugeot не ги пропушта трендовите и изработи изведба на електричниот e-Rifter за кампување, со име Vanderer.

Возилата за кампување повеќе не се какви што ги познаваме. Тие може секојдневно да се користат за возење до работното место и назад, лесни се за паркирање, угледни се и не се издвојуваат во уличната слика, а со нив пак може во секое време да се отиде на одмор или излет. Има и уште една суштинска промена. Возилата за кампување денес честопати возат на струја. Тоа е совршениот спој, зарем треба некаде да се брза кога се оди на кампување?

Peugeot e-Rifter Vanderer припаѓа во категорија на урбани кампери и се изработува во специјализираната работилница за возила за кампување Vanderer, со седиште во Алгој, на југот на Германија. Како основа за возилото се користи Peugeot e-Rifter L2, значи изведбата со продолжено меѓускино растојание и со 5 седишта. Должината на возилото е 4,75 метри, а висината на преработената камп-изведба изнесува 1,88 метар. Меѓуоскиното растојание е долго безмалку три метри.

Купувачите можат да избираат меѓу неколку различни пакети за доградба и надградба на функционалноста на возилото за кампување. Клучните промени на изведбата Vanderer се подигнувачкиот покрив и удобниот лежај што е дел од тој модул.

New item by Automedia MK / Google Photos

Меѓу остранливите модули што се вградуваат по барање, спаѓаат „Interior Living“ или „Cool&Freeze“. Кујнската конзола се извлекува и нуди простор за боца со гас за домаќинство и индукциска плоча за готвење со две места. Може да се додаде и мијалник со течна вода, со резервоар од 12 литри. Меѓу предните седишта се наоѓа и ладилник со комора за замрзнување со зафатнина од 16 литри.

New item by Automedia MK / Google Photos

Навечер, задниот дел се претвора во комотен лежај. Врвот, буквално, се двата лежаи во подигнувачкиот покрив, вклучувајќи и панорамски прозорец за уживање во глетката. На располагање стои и маркиза Fiamma F35 Deep Black, којашто се поставува од левата страна на возилото и ја нуди сета функционалност што може да се бара под сенка.

Секако дека промислениот систем за одлагање нуди многу простор за багаж. Мајсторијата е во тоа што модулите се отстранливи и за тоа нема потреба од алат.

New item by Automedia MK / Google Photos

Прашањето за времетраењето на полнењето на батеријата станува многу неважно со овој кампер. Никој не брза кога е на кампување. Батеријата со капацитет од 50 kWh дозволува досег до 274 километри. За полнење може да се користи и обичен приклучок за струја (возилото располага со сопствен полнач од 11 kW), уличен полнач, исто како и брз полнач со еднонасочна струја.

Сите варијанти на полнење за PEUGEOT e-Rifter VANDERER:

обична домашна приклучна кутија за струја (8A), за полнење до 100% за време од 31 час и 10 минути,

зајакната приклучна кутија (16A), за целосно полнење за 13 часа и 55 минути,

ѕиден полнач од 11 kW, за целосно полнење за 5 часа и 5 минути,

брз полнач (100 kW), полнење до 80% за околу 30 минути.

Околу достапноста од полначи при патување на подолги релации, повеќе нема потреба од толку грижливо планирање на патувањето. На возачките и возачите на електричен Peugeot им стои на располагање услугата Easy-Charge и мрежата на Free2Move со 220.000 полначи ширум Европа. „Малку“ може да биде проблем цената. Стартот е од 22.000 евра, само за преправката. Толку чини дом во природа.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Електрично Peugeot e-208 го прошета цело Мариово

До страницата за моделот Peugeot e-Rifter на увозникот Еуроимпекс

https://peugeot.com.mk/vehicles/e-Rifter/

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Лоби-групата ACEA останува без Stellantis

Toyota Corolla дотерана пред премиерата на Corolla Cross