за

Toyota Corolla дотерана пред премиерата на Corolla Cross

На шампионската Toyota Corolla наскоро ѝ пристига важна помош: СУВ во гамата на компактниот модел. По тој повод, и носителот на имиџот и продажбата на целата марка се поддотера.

Toyota Corolla од крајот на годинава ќе може да се нарачува во новата изведба, со освежен изглед, нови бои, па дури и со зафати во хибридниот погон. Јапонците ветуваат повисока електрична моќност, подобрена ефикасност и повеќе уживање во возењето.

Колку ли се сменија нештата, откако тековната генерација на Corolla пристигна првпат на тест во Аутомедиа. Стокмена според сите начела на архитектурата TNGA, односно според идејата, моделите на Toyota да се направат уште позгодни на око и поблиски до срцето, Corolla прво возеше во изведбата со 1,2-литарски турбо. Дури и без хибридот, што е заштитен знак на марката, беше јасно дека моделот ќе постигнува многу.

Во април 2019 година, Toyota Corolla постигна раст од 25% во продажбата во Европа. Кај нас, на тест пристигна и хибридната изведба. Во гамата на Toyota Corolla се појави и втора изведба со хибриден погон, со 2,0-литарски мотор и системски 180 КС, како спортска изведба, покрај стандардната изведба со 1,8-литарец и 122 КС. Во летото, на тест ни пристигна Toyota Corolla Touring Sports 2.0 Hybrid Luxury. Вистинска машина за патување на летен одмор, колку може подалеку, само за да се вози.

Набрзо следеше и прочуената хибридна тура, кога со еден резервоар гориво, извозевме цел круг низ Македонија, во должина од близу 800 километри, со просечна потрошувачка под 4 литри бензин. Јапонците повторно ѝ смислија освежување на Corolla, спортска изведба Corolla GR Sport. Поточно, таа со одличната продажба си заслужуваше периодично да добива по едно освежување.

Со голема налепница за 10-годишната гаранција, во минатото лето возевме горделиво црвена Corolla низ Преспа, за меѓу другото да откриеме дека тоа што медиумите го прикажуваат за прекрасното езеро, далеку е од реалноста. Наидовме на туристи, џагор, полни плажи, насмеани луѓе. Нормално, бидна и репортажа. Во јуни лани, Corolla беше и најпродаван автомобил воопшто во Македонија. Имаше и мало освежување, главно со промени во процесорот за средишниот дисплеј, за подобра поддршка на поврзување со телефон. Во салонот на Suzuki, се појави комби со позат лик. Corolla стана Swace, Toyota стана Suzuki. Со хибриден погон. Тоа е плод од соработката меѓу двете компании, и од таа соработка ќе следат уште бројни новини.

Тоа е најкусо што можеше да се изведе досегашната хронологија на Corolla на светскиот, на европскиот и на македонскиот пазар. Многу постигна овој модел, тоа е еден од највпечатливите автомобили во последниве години. Овој шампионски поход беше крунисан со објавата дека Corolla, од моделот од 1966 година до денес, надминала продажба од 50 милиони примероци. Тоа е најпродаван автомобил во историјата.

Toyota најави дека ќе стартува со нарачки за новото моделско годиште на Corolla, кон крајот на годинава. Покрај неколкуте зафати во изгледот, има и нова погонска спрега.

Промените во изгледот се однесуваат на мустрата на маската, на рамките на магленките, како и на алу-тркалата со нов дизајн. Повисоките нивоа на опременост добиваат добиваат диодна техника и за долгото светло, а во топ-нивото следат и присобливи светла. Тоа е поздрав од Lexus.

За каросеријата може да се избираат три нови бои, коишто се инспирирани од архитектурата, дизајнот на производи и од модата. Највпечатлива е сината боја како плод на смрека. Тоа потсеќа на друг модел во гамата, на Aygo X. Одблизу, во оваа боја може да се забележат црвени тонови, што се менуваат зависно од аголот на гледање. Уште една нова боја е металик сива, класична и безвременска боја, којашто добива посебен ефект со темните сребрени честички во лакот.

Натписите во кокпитот се сменети, има и нови украсни елементи и шари. Дизајнерите велат дека тоа им дава тридимензионална длабочина на облогите на седиштата, на површините и на облагородените детали. Боите во кабината следат шема на „Dark and Light Harmony“ и внесуваат дополнителна елеганција.

Хибриден систем од петтата генерација

Главната новина е петтата генерација на хибридниот систем на Toyota. Во понуда остануваат двете варијанти, со 1,8- и 2,0-литарски бензинец. Промени има и во моторот и во електромоторот, со повисок вртежен момент, повисоак електрична моќност, пониска потрошувачка и поголемо возачко уживање. Контролната електроника е преработена, литиум-јон батеријата е смалена, со поголем капацитет и олеснета е за 18 килограми.

Верзијата со 1,8-литарец сега располага со 140 КС и спринтува за 9,2 секунди до темпо сто, што е за 1,7 секунда покусо. Потрошувачката е непроменета. Кај дволитарецот, системската моќност изнесува 196 КС, спринтот трае 7,5 секунди, односно половина секунда покусо. Потрошувачката е потсмалена, моделите уште се во хомологација.

Подобрени возни својства

Техничарите работеа за забрзувањето да се чувствува поприродно. Досега се внимаваше забрзувањето да биде рамномерно. Кај новиот модел, возачот ќе може попрецизно да ја дозира моќноста. Во основа, смален е бројот на вртежи при забрзување, а тоа значи дека е интервенирано во CVT-менувачот. Во исто време се намалени звуците од погонот при забрзување.

Нов е средишниот дисплеј од 10,5 инчи, со нова графика и висока резолуција, со можност за самостојно вчитување нов софтвер и со подобро засенување кога светлината паѓа директно од назад. Од средното ниво нагоре, се вградуваат дигитални инструменти од дисплеј од 12,3 инчи, со четири различни прикажувања.

Говорниот аасистент разбира обична говорна форма, на пример, за затворање или отворање на прозорците. Преку апликацијата MyT стојат на располагање низа услуги за далечинско ракување преку телефон, за вклучување на ладење или греење на кабината пред возење, или за наоѓање на возилото на паркинг. Важни дополнувања има и во арсеналот од системи за асистенција, коишто се веќе традиционално силен домен на марката.

Менаџерите се задоволни и од прифатеноста на GR Sport, од којашто досега се продадени над 20.000 примероци. Промените го опфатија и спортскиот модел, меѓу другото има нови тркала од 18 инчи и нов дизајн на задниот браник.

Моделот секако дека го очекуваме да се појави во салонот на увозникот Тојота Авто Центар, уште немаме информации кога би се случила македонската премиера. На германскиот пазар, на пример, испораките ќе стартуваат кон крајот на јануари в година.

Сите наши објави за Toyota Corolla можете да ги погледнете на следниот линк

https://automedia.mk/?s=toyota+corolla

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Со електричен Peugeot e-Rifter на одмор во природа

Шефот на Suzuki доби Орден на заслуги од унгарскиот премиер Орбан