за

Лоби-групата ACEA останува без Stellantis

Концернот Stellantis најави напуштање на лоби-групата на европски производители на автомобили ACEA, предизвиците ќе ги надминува самостојно.

Концернот Stellantis со своите 14 марки, вклучувајќи ги Peugeot, Opel и Fiat, до завршетокот на годинава ќе го напушти главното здружение за лобирање на европските производители на автомобили ACEA.

Традиционалното лобирање повеќе не е интересно за моќниот автомобилски концерн Stellantis, којшто настана со спојување на PSA Peugeot Citroen и Fiat Chrysler Automobiles. До завршетокот на годинава, Stellantis ќе го напушти здружението на европски производители на автомобили ACEA. Целта е да се примени нов пристап во надминувањето на предизвиците што ги носи иднината на мобилноста.

Stellantis еднаш годишно ќе одржува настан именуван „Freedom of Mobility“. Првиот настан ќе се одржи во почетокот на следната година. Од настанот се очекува да покаже „како на општеството да му се понуди чиста, безбедна и достапна слобода на мобилност, соочувајќи се со последиците од глобалното затоплување“.

Концернот го најавува настанот, откако ЕУ27 членките се подготвуваат да гласаат за предлогот да се забрани продажба на нови автомобили со мотор со внатрешно согорување од 2035 година.

Нашата намера е да создадеме јавен форум, во којшто соговорниците ќе можат да постигнат заедништво во посочувањето на клучните прашања во врска со дебатата за мобилност без емисија на карбон и ќе се утврдуваат следните чекори што ќе ги преземаме заеднички“, изјави извршниот директор на Stellantis, Карлос Таварес.

Таварес е поранешен претседател на ACEA, здружение што ги претставува 16-те најголеми производители на автомобили, камиони и автобуси во Европа. Во здружението не се вклучени Tesla, како и неколку јапонски марки, меѓу кои Suzuki и Subaru. Француско-германско-италијанско-американскиот концерн ќе биде прва членка што се повлекува од групацијата со седиште во Брисел. ACEA ги застапува интересите на своите членки пред Европската Унија.

Од здружението го почитуваат правото на Stellantis да се повлече од ACEA и жалат што концернот заминува од истото. Сигрид де Врис, моментно генерална секретарна на групата за лобирање на добавувачите на автомобилската индустрија, ќе го преземе претседателството со ACEA во септември.

Stellantis го купи бизнисот на Mercedes и BMW за изнајмување автомобили

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Светот годинава обедини 90.000 дами и џентлмени на мотоцикли

Со електричен Peugeot e-Rifter на одмор во природа