
- Пежо се враќа во Кина со лимузини и СУВ што Донгфенг ќе ги произведува во својата фабрика во Вухан.
- Двете концептни возила што се прикажани на салонот во Пекинг, ги најавуваат идните модели.
- Продажбата на ПСА Групација, којашто денес е дел од Стелантис, достигна врв во 2014 година со 734.000 возила, но оттогаш бележи пад.
- Стелантис се доближува до кинеските конкуренти, и освен со Донгфенг, ја проширува соработката со Липмотор и производителот на батерии КАТЛ.
Пежо се враќа со возила под својата марка на кинескиот пазар, со серија големи лимузини и СУВ, што ќе се развиваат во соработка со Донгфенг и ќе се произведуваат во Вухан.
Како најава за новите модели, Пежо прикажа два концепти на салонот на автомобили во Пекинг – комби-купето Концепт 6 и СУВ-то Концепт 8.
„Автомобилите ќе го комбинираат најдоброто од дизајнот и возните својства на Пежо, со напредната технологија на партнерот Донгфенг,“ порача Пежо во соопштението.
Автомобилите што ќе ги произведува Донгфенг ќе бидат наменети за кинескиот пазар, но и ќе се извезуваат во одредени региони, најави Пежо, без точно да наведе за кои пазари станува збор. Лимузината што ќе произлезе од Концепт 6 би можела да биде замена за лимузината и комбито од средна класа Пежо 508.
Врската со Донгфенг е можно да се прошири и на производство во фабриките на Стелантис во Европа, соопшти Блумберг на 23-ти април. Стелантис започна преговори со потенцијални партнери или купувачи, со претставници од Донгфенг, коишто дојдоа во посета на фабриките во Рен, Франција и во Мадрид, Шпанија, во почетокот на април, наведува Блумберг.
Во посетата од Донгфенг беше вклучено и патување во фабриките на Стелантис во Италија и Германија, кажуваат луѓе што се упатени во преговорите. Претставници на Стелантис изјавија за Блумберг дека се водат преговори со разни субјекти од индустријата од цел свет, за најразлични теми, како дел од вобичаеното водење бизнис, без натамошни коментари.

Соработката меѓу Пежо и Донгфенг трае од 1992 година
Како дел од групацијата ПСА, Пежо и Ситроен во 1992 година основаа заедничка компанија со Донгфенг, под името ДПЦА, со цел да се произведуваат и продаваат автомобили во Кина. ПСА поседува и заедничка компанија со Чанган, под името Капса, којашто произведува модели на француската марка ДС.
Во март 2025, ДПЦА најави нова марка под името Хедмос, наменета за постоечки клиенти што сакаат да преминат на електрични или хибридни возила. Првиот модел е Хедмос 6, целосно електричен СУВ од средната класа, долг 4,7 метри.
Донгфенг одредено време поседуваше над 14 проценти во ПСА, откако француската групација се најде во тешка финансиска состојба во почетокот на 2010-те години. Повеќето од тој удел беше откупен од ПСА, пред спојувањето со Фиат Крајслер и создавањето на денешниот концерн Стелантис, во почетокот на 2021 година.
Кина до 2014 година беше најголем пазар на групацијата ПСА. Тогаш беа продадени 734.000 автомобили во Кина, повеќе отколку на домашниот француски пазар. Но, продажбата опадна нагло, што аналитичарите ценат дека е последица од поклопувањето на моделите и недоволното приспособување според барањата на кинеските возачи.
Во првото тромесечје од 2026 година, Стелантис продаде 15.000 возила во Југоисточна Азија, вклучувајќи ги Кина и Индија.

Пежо го враќа вниманието кон кинескиот пазар
Обновувањето на партнерството со Донгфенг е сигнал дека Пежо засилено ќе работи да се врати на најголемиот автомобилски пазар во светот, иако условите значително се сменија во изминатите години. Локалните марки, како БИД и Џили, одамна ги престигнаа големите увозни марки, како Рено, Форд или Нисан. Дури и германските премиум марки, посебно Порше, се соочија со нагло опаѓање на пазарниот удел.
Во исто време, жестоката ценовна војна ги изеде маржите, додека кинеските купувачи сé повеќе се насочени кон иновативни оперативни системи и електричен погон, вклучувајќи возила со продолжувач на досег.
„Кина е главен двигател на нашата глобална трансформација, посебно во електрификацијата, иновацијата и унапредувањето на марката,“ изјави извршниот директор на Пежо, Алан Фави.

Пежо не објави технички поединости околу двата концепти во Пекинг. Концепт 6 се опишува како „визија за впечатлива нова генерација големи лимузини“ со силуета на комби-купе. Концепт 8 „ја подготвува иднината за големите СУВ на Пежо.“
Стелантис соработува и со други кинески производители на автомобили и добавувачи. Концернот поседува 20 проценти од акциите во Липмотор и 51 проценти акции во Липмотор Интернационал, компанија што ги продава возилата надвор од Кина. Липмотор годинава ќе започне со монтажа на возила во фабрика на Стелантис во Шпанија, веројатно во Сарагоса. Кинескиот гигант КАТЛ гради фабрика за батерии во Шпанија во соработка со Стелантис.















