
- Липмотор стартуваше со компактниот електричен модел Б05 на европскиот пазар, со ценовник што почнува од 27.000 евра.
- Б05 ги погази конкурентските модели на МГ и Чери со разлика од неколку илјади евра во цената.
- Липмотор годинава стана 4-ти најпродаван производител на автомобили од Кина, со раст од 642 проценти во споредба со лани.
- До завршетокот на годинава, марката ќе пушти уште два нови модели во Европа.
Според производителот, Б05 е првиот спортски електричен модел на Липмотор. Долг 4,43 метри и широк 1,88 метри, тој е меѓу поголемите комбилимузини од компакт класата во Европа.
За споредба, најпродаван модел во сегментот е Фолксваген ИД.3, којшто е долг 4,265 метри. Иста должина со Б05 има единствено Киа ЕВ4, а меѓу нив се вмешува и Рено Меган Е-Тек со должина од 4,21 метри.
За аеродинамичноста на Б05 се грижат напредни системи, како активно затворање на ламелите зад предната маска, а оптимирани се и страничните насочувачи на воздушното струење. Тоа му обезбедува на Б05 коефициент на отпор на воздух од 0,26, што е клучно за постигнување подолг досег.
Цените во Италија почнуваат од 26.900 евра за основниот модел со батерија од 56,2 киловатчасови и досег до 401 километри. Верзијата со батерија од 67,1 кВч и досег до 482 километри почнува од 29.400 евра.
Во споредба со европските конкуренти, Липмотор чини и до 10.000 евра под нивните цени. Фолксваген ИД.3 во Италија чини 40.990 евра, Купра Борн 41.750 евра, Киа ЕВ4 стартува од 37.950 евра и Рено Меган од 38.350 евра, сите во изведби со споредлива големина на батерија.
Од кинеските соперници, БИД Долфин почнува од 35.000 евра, додека МГ4 во споредлива конфигурација чини 34.000 евра, иако во моментов уште не е почнат со продажба во Италија.
Б05 користи заден погон и електромотор со моќност од 160 кВ/218 КС. Забрзувањето до темпо сто трае 6,7 секунди. Според Липмотор, комбинацијата од заден погон, распределба на тежината меѓу оските во сооднос 50:50 и посебно нагодено подвозје, со учество на експертите на концернот Стелантис, постигнува спој меѓу комфор и прецизна управливост.
Големините на батеријата се исти како кај компактниот СУВ-модел Б10. При користење полнач што може да обезбеди моќност до 174 киловати, батеријата се полни од 30 до 80 проценти за околу 17 минути.
Електричните комбилимузини го губат пазарот од СУВ-моделите
Во Европа, продажбата на компактни електрични комбилимузини е релативно слаба, затоа што купувачите сé почесто избираат СУВ-модели, како со мотори со внатрешно согорување, така и со електрифициран погон.
ИД.3 е најпродавана електрична комбилимузина во Европа во првото тромесечје, со 18.013 возила. Купра Борн, сестрински модел со иста техника со ИД.3, постигна 10.054 продажби. Киа ЕВ4 е на третото место со 5.605 возила, пред Рено Меган Е-Тек со 4.508 возила.
Продажбата на компактни електрични комбилимузини опадна за 10 проценти во споредба со првото тромесечје во 2025 година, иако вкупната продажба на БЕВ е порасната за преку 30 проценти.
Тој пад главно се должи на ослабнатата продажба на МГ4, којшто веќе е застарен модел, а влијае и генерациската смена кај Нисан Лиф, чијашто трета генерација штотуку стартува со продажба.
Б05 е четвртиот модел на Липмотор во понудата за европскиот пазар. Тој им се придружува на градското мини Т03, на компактниот СУВ-модел Б10 и на големиот СУВ од средна класа Ц10. Двата СУВ се нудат и како чисто електричен и како модел со продолжувач на досег.

Следен модел на Липмотор што е планиран за старт во Европа е Б03 Крос, малечок СУВ што ќе стартува прво во електрична изведба, во третото тромесечје, за потоа да следи изведба со продолжувач на досег.
Б03 Крос беше пуштен во продажба во Кина во март, под ознаката А10. Кон завршетокот на годината ќе следи и обичната изведба на Б03.
Липмотор е четврта најпродавана марка кинески автомобили во Европа, со 24.102 возила до март.
Продажбата на Липмотор надвор од Кина е организирана од страна на Липмотор Интернационал, како заедничка инвестиција, во којашто Стелантис располага со 51 проценти од акциите.
Годинава треба да започне производство во фабрика на Стелантис во Шпанија. Технологијата на Липмотор ќе се користи и за модели од марките на Стелантис, концернот на Фиат и Пежо.















