за

Peugeot 408 е автомобил што игра надвор од правилата

Во Peugeot не сакаат новите модели да им изгледаат предвидливо, затоа новиот Peugeot 408 го создаваа да биде „неочекуваниот“. Тој е за еден број поголем од храбриот и одличен 308, но не само физички, туку и во суштинското за оваа марка, во лавовското.

Peugeot 408 требаше да биде „само“ кросовер изведба од храбриот и одличен Peugeot 308. Место тоа, произлезе автомобил што прави малкуте постоечки модели од овој ков да изгледаат како да се излезени од истиот и застарен калап. Најавата во изненадување на Peugeot успеа.

Тоа е голема чест од марката со лавот, кога неколку македонски новинари беа поканети на онлајн тркалезна маса, на којашто два дена пред денешната премиера се одржа ексклузивна претпремиера, со прикажување на сите детали на новиот Peugeot 408, во присуство на извршната директорка Линда Џексон и менаџерот за целата моделска понуда на Peugeot, Жером Мишерон и директорот за дизајн Матијас Хосан. Долгата традиција и успешното локално присуство на марката Peugeot (регионално исто така, Еуроимпекс е увозник и за Србија, Црна Гора, Косово и Албанија) ја овозможуваат оваа медиумска привилегија.

Прво се чинеше дека е премногу оптимистички, кога Peugeot го најави новиот модел како „неочекуваниот“. Но, уште во истиот момент кога на претпремиерата се појавија првите фотографии од Peugeot 408, беше повеќе од очигледно дека марката навистина има нешто посебно. Повторно. Реално, на сцената ѝ беше потребен автомобил како Peugeot 408, којшто ќе раскрсти со шаблонот и ќе биде иницијална каписла за целата бранша во иднина да се осмели да создава различни дизајни од „очекуваното“.

Од друга страна, Peugeot има основа да изведува вакви дизајнерски егзибиции и потфати. Марката ги лансира новите модели на врвот, како во поглед на продажбата, така и во очите на автомобилската сцена. Peugeot 208, 2008, новиот 308, пред него 3008 и 5008, па уште и 508, сите тие модели имаат впечатливо присуство. Кредибилитет, тоа го има марката со лавот, право да ги менува нештата.

New item by Automedia MK / Google Photos

Кога ќе се погледне силуетата, а потоа и деталите на Peugeot 408, се забележува колку пристапот на дизајнерот Матијас Хосан е различен. Во основа, повеќето постоечки кросовери и купе СУВ-модели, следат обична шема, според којашто стилските обележја на традиционалната, а денес толку замрена купе-форма, се применуваат во малку видоизменет облик. Како по некоја инерција, секој СУВ- и кросовер-модел што двои од основната форма, ги следи потезите на X6 или GLE. Тој шаблон не се користи за Peugeot 408.

New item by Automedia MK / Google Photos

Првиот впечаток е дека „четворката“ на Peugeot изгледа бескрајно долга. Кога не се познаваат вистинските мери, човек би претпоставил дека овој автомобил е долг преку пет метри. Тој, всушност, и не е многу далеку, со 4.687 милиметри должина. Во споредба со Peugeot 308, разликата во должина е 32 сантиметри. Во висина, новиот кросовер, односно фастбек, како што нагласуваат во Peugeot, оди до 1.487 милиметри или 46 милиметри повисоко од „308“. Клучната разлика е во растојанието од подлогата, со 189 милиметри. Оваа мера го прикажува вистинскиот карактер на „четиристотката“. Исто толкав клиренс имаат повеќето СУВ-модели.

New item by Automedia MK / Google Photos

Новина е дизајнот на маската, за којшто менаџерите посочија дека во иднина ќе се користи за сите следни модели на Peugeot. По шест лакирани сегменти со различна должина и дебелина, создаваат вкупно 28 линии во маската. Се пренесува впечатокот од 308 и целата таа фигура личи како мачка што е припиена ниско на земја и го демне пленот, подготвена да скокне во секој миг. Формата на светлата, поточно елементите што ја создаваат истата, различни се од останатите модели на Peugeot. Исто е нов стилски детал и долниот дел од браникот, којшто не изгледа претерано агресивно, туку напротив, оддава елеганција и благородност. Токму како што прилега не едно купе.

New item by Automedia MK / Google Photos

Бројни зафати во дизајнот прават 408 да не биде само „копија“ на 308, туку да биде препознатлива, своја. Секоја линија и секој раб се доработени, усовршени, додадена им е дополнителна вредност. Како што кажа продукт-директорот Жером Мишерон, „Peugeot 408 е создаден за луѓе што ги обожуваат автомобилите“. Додека 308 става нагласок на должината на хаубата, 408 додава малку повеќе масивност, главно преку висината.

New item by Automedia MK / Google Photos

Големиот грб на Peugeot, место во крилата, како кај класичниот компакт, тука е поставен на вратите. Тоа ќе биде еден од најобожуваните детали кај новиот модел. Врвот на дизајнерската одличност секако дека е опашот. Колку се придава значење на секој детал и на веродостојноста, „408“ да биде позициониран слично како фамозното Peugeot 406 Coupe од пред две децении, покажува третиот страничен прозорец. Додека во браншата неретко се користи боја, за евтино да се издолжи линијата на прозорците, тука не се имитира трет страничен прозорец, туку тој и фактички постои.

New item by Automedia MK / Google Photos

Прекршувањето во долната линија на прозорците му дава динамика на 408. Се забележува и колку е полна формата на задните крила. Свеж детал е црната лајсна меѓу задните светла, на којашто е поставен грбот на марката. Изгледот фасцинира, каросериската форма е богата со детали и со нивна поврзаност. Малку привикнување ќе бара масивниот црн „дифузор“ назад. Но, кога ќе се забележи дека и страничните прагови исто така внесуваат одредена масивност и упатуваат на теренската способност на 408, тогаш има смисла целата приказна. Арките на крилата исто така се порабени со црна мат пластика.

New item by Automedia MK / Google Photos

Тркалата од 20 инчи имаат тотално различен дизајн, и идејата е токму тие да укажат на посебноста и на одличноста на изгледот на овој автомобил. Овие тркала ќе бидат достапни како опција за GT Hybrid. Бојата на каросеријата со којашто премиерно се појавува 408 е нова во понудата на Peugeot. Таа се води како „obsession blue“ и покрај неа се достапни уште пет бои: титан сива (нова), кумулус сива (само во ниво Allure), еликсир црвена, бисерно бела и црна.

New item by Automedia MK / Google Photos

Кокпитот е ист со Peugeot 308, со мали измени. Патниците на задната клупа ќе уживаат во уште повеќе простор за нозете, затоа што и меѓуоскиното растојание е продолжено на 2,79 метри, наспроти 2,675 метри на 308.

New item by Automedia MK / Google Photos

Понудата од погонски изведби ќе ја сочинуваат два приклулни хибриди, Hybrid 180 e-EAT8 со 1,6-литарец со 150 КС и електромотор со 81 kW (110 КС), и Hybrid 225 e-EAT8, со 1,6-литарец со 180 КС и исто така електромотор со 110 КС. Батеријата е со капацитет од 12,4 kWh. Третата изведба ќе биде 1.2 PureTech со 130 КС. Сите изведби доаѓаат со 8-степен автоматик. За одредени пазари ќе се нуди и изведба со 215 КС. Официјално е дека ќе има и чисто електрична и изведба. За спортска изведба PSE, со моќност од преку 360 КС, веројатно ќе треба да се почека исходот од возењето на хиперавтомобилот Peugeot 9X8 на 6 часа Монца, на 10-ти јули.

Наскоро ќе ги објавиме и сите останати детали околу новиот модел, којшто е сосем извесно дека ќе биде една од главните автомобилски теми летово, а и не само летово.

New item by Automedia MK / Google Photos

Врвно одликување RedDot за дизајнот на Peugeot 308

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Електричната Honda HR-V стартува со продажба во Кина, цената 25.000 евра

Електрична Kia влечеше камп-приколка низ четири држави