за

Електрична Kia влечеше камп-приколка низ четири држави

Клубот АДАК го провери тоа што многумина се прашуваат: Дали со електричен автомобил може да се патува на одмор со приколка за кампување? За тестирање послужи Kia EV6, европскиот автомобил на годината.

Одамна е надминато стравувањето дека при патување со електричен автомобил ќе се наиде во ситуација, кога возилото ќе остане без енергија во батеријата и возењето понатаму не може да продолжи. Во меѓувреме, бројни сопственици ги користат своите автомобили на струја за да отпатуваат на одмор. АДАК дава и одговор на прашањето: Дали со електричен автомобил може да се патува со приколка за кампување?

Најголемиот и највреден автомобилски клуб во Европа, германскиот АДАК, тестираше како изгледа патувањето на одмор со електричен автомобил, што влече приколка со тежина од 1,5 тон. Тестот се состоеше во тоа што со електрична Kia EV6 требаше за три денови да се извози растојание од 1.281 километри. Рутата стартуваше од Германија и водеше преку планинскиот превој Бренер, на границата меѓу Италија и Австрија, па потоа преку Доломитите до Јадранот, и назад преку Словенија и по автопатот А10 низ Австрија.

Клубот заклучи: Електричните автомобили се мошне погодни за влечно возило. Тестираниот автомобил, Kia EV6 во изведба со погон на сите тркала и моќност од 239 киловати (325 КС), носител на титулата Европски автомобил на 2022 година, покажа одлични возни својства на турата низ четирите држави. Кросоверот без напрегање ја влечел натоварената семејна приколка, без вибрации од моторот и без потскокнувања при менувањето степен на пренос.

Потрошувачката на струја, сосем очекувано се искачила од вообичаените 20 kWh на сто километри, на 36,6 kWh/100 km. Максималниот досег се скусил од 400 на околу 220 километри. Тоа се два до три часови патување. АДАК цени дека не претставува проблем тоа што ќе треба често да се запира за дополнување на батеријата, затоа што е препорачливо при ваков вид патувања да се прави починка на неколку часови. Со користење брзи полначи со еднонасочна струја, коишто обично се поставени на магистралните патишта, батеријата за само 20 минути се полнела од 10 до 80 проценти.

Секако дека и натаму е проблем ограничениот број полначи и неизвесноста дека полнењето ќе функционира. Во првиот ден, АДАК немал проблем да полни во Насерајт (Тирол) и Инихен (Јужен Тирол). До Јадранот биле потребни само две полнења., Во следните денови, тимот на клубот се соочувал со проблеми со функционалноста и со пријавувањето на полначите. Прво имало проблем со картичката за полнење, околу роаминг-спогодбата со Германија, поради што не можела да се изврши директна наплата. Во вториот случај, цели станици за полнење на двапати останувале нефункционални. За малку било избегнато возилото да остане без батерија на пат.

Проблем претставувало и тоа што приколката морало да се откачува и да се постави на друго место, за возилото само да се паркира покрај полнач

Клубот АДАК препорачува пред патувањето да се провери детално, каде има полначи по возната рута и дали тие се функционални. Исто така се препорачува и при планирањето на рутата да се пресмета резерва до првиот следен полнач.

Кампувањето со електричен автомобил беше предизвик и за еден новинар од Нов Зеланд

Kia Sportage на дело: По стариот пат преку Богомила до Прилеп

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Peugeot 408 е автомобил што игра надвор од правилата

Tesla ќе отпушти илјадници вработени