Електромотор во замена за класичните стартер и алтернатор може да смени многу во секојдневието. Тоа е најдостапната форма на електрификација на погонската спрега, и чудесно е делотворна, затоа што постои само мала разлика во цената со класичен бензинец. Peugeot 308 стартуваше со нарачки на поголемите европски пазари.
Според германскиот ценовник на Peugeot – Французите уште го немаат објавено ценовникот – „тристотката“ во изведба со благ хибриден погон се нуди во трите нивоа на опрема, односно Active, Allure и GT. Во појдовната изведба, цената во Франција изнесува 32.450 евра, едно ниво погоре чини 34.750 евра, додека спортскиот и отмен GT заокружува со 38.000 евра.
Главното прашање, колку е поскап благиот хибрид во споредба со класичниот бензинец? Споредбата не може да се направи директно со основниот бензинец, затоа што благиот хибрид секогаш е комбиниран со 6-степен менувач со двојна спојка, па реално е да се споредува со изведбата со фамозниот 8-степен автоматски менувач на Peugeot. Во тој случај, разликата е точно 1.500 евра.
За комоцијата што ја нуди автоматскот менувач, но и за придобивките од благиот хибриден погон што секако дека се чувствуваат во секојдневното возење, тоа е фер цена.
Благиот хибриден погон ги заменува класичниот стартер, кај нас познат и како „алансер“, а во оригинал анласер (од германски, Anlasser), и алтернаторот, со електромотор. Неговата моќност изнесува 15,6 kW, односно 21 КС, а вртежниот момент достигнува 51 Nm. Тој го стартува моторот брзо, тивко, без вибрација. Бидејќи електромоторот при секое отпуштање на гасот „станува“ генератор, енергијата од залетот на 308 се насочува кон малата (и евтина) батерија од 0,89 kWh. Таа енергија е доволна за електромоторот да му асистира на бензинецот при поаѓање, кусо при забрзување, па и за одржување на брзината кога се вози по рамен пат со умерено темпо. И, заштедата во гориво е тука.
Електромоторот во Peugeot 308 Hybrid 136 eDCS6, како што е официјалната ознака на моделот, работи под напон од 48 волти, што и неговата функција ја прави уште поделотворна. По норма, 308 Hybrid троши во град 4,4 литри бензин. На класичниот бензинец му се потребни 6,5 литри.
Моторот 1.2 PureTech во хибридниит модел е усовршена верзија на познатиот мотор од целиот концерн Stellantis, со турбонатполнење и 136 КС, место 130 КС кај стандардната изведба. Комбинацијата ја дополнува нов 6-степен менувач со двојна спојка, којшто е во спрега со стартер-генераторот (електормоторот). На тој начин се овозможува, благо-хибридниот Peugeot 308 да поаѓа чисто на струја, неколку десетици метри, пред да се вклучи бензинецот.

Французите ветуваат заштеда од 15 проценти во горивото, односно наведуваат дека 30 проценти од патот што се минува во град, ќе биде покриен од електромоторот.
Благиот хибриден погон е достапен уште во Peugeot 3008 и 5008, во 408 и во 208, а наскоро ќе следат и останатите модели на француската марка.