Лоциран во Бирмингем, во срцето на патната мрежа во Мидлендс, во централниот дел на Англија, паркот од полначи се состои од 180 места на коишто електрични автомобили можат да се приклучат за полнење.
На отворањето на станицата со електрични полначи во Бирмингем, којашто се вбројува меѓу најголемите во Европа, учествуваше канцеларот за финансии, Џереми Хант. Неколку фабрики и администрациски објекти на JLR се наоѓаат во близина на станицата.
При тестирањето на издржливоста на станицата беа користени 32 автомобили Jaguar I-Pace, коишто истовремено беа приклучени за полнење. Триесет приклучоци за полнење се поврзани на 16-те брзи полначи со еднонасочна струја, секој со моќност од по 300 kW, додека на останатите 150 приклучоци за полнење се добиваат по 7 kW.
Сопствениците на батериски електрични и приклучни хибридни автомобили од марката Jaguar имаат обезбедено пристап до преку 500.000 полначи во Обединетото Кралство и Европа. До полначите се пристапува преку мобилната апликација Jaguar Charging.
View this post on Instagram
Jaguar наскоро ќе започне со претставување на новата серија електрични модели, за коишто шефовите велат дека со дизајнот ќе се разликуваат од сé што досега е видено на автомобилската сцена. Како премиум марка на JLR, некогашен Jaguar Land Rover, „брзата мачка“ воедно ќе им нуди на корисниците најдобра и најбрза услуга за полнење на електричните автомобили.
Jaguar I-Pace е носител на најпрестижни наслови на автомобил на годината, вклучувајќи и наслов на Светски автомобил на 2019 година, како и награди за дизајн и за одржливост.