Во предвечерието на салонот во Женева беше прогласен носителот на престижната титула за 2014 година. Новинари од 22 европски земји го избраа Peugeot 308 за автомобил на годината.
За титулата на автомобил на 2014 година во Европа се натпреваруваа 30 модели од европски, јапонски, американски и корејски марки. Жирито кое што ги застапува интересите и вкусовите на 58 новинари од 22 европски држави попладнево го објавија резултатот од гласањето за седумте финалисти: Подиумот во оваа година ќе му припадне на Peugeot 308.
Компактот на Peugeot победи со 307 бодови пред електричните автомобили BMW i3 (223) и Tesla Model S (216 бодови). Во групата на седумте финалисти се најдоа и Citroen C4 Picasso (182), Mazda3 (180), Skoda Octavia (172) и класата Ѕ на Mercedes (170 бодови).
Францускиот конкурент на Golf е четврти носител на титулата од марката Peugeot. Претходно во тоа успеаја Peugeot 307 во 2002 година, 405 во 1998 и 504 во 1969 година. Моделот се произведува во Сошо, историската фабрика на Peugeot во Источна Франција, а во почетокот на следната година ќе се произведува и во Кина, најголемиот пазар за автомобили во светот.
Во четирите месеци од почетокот на продажбата Peugeot доби преку 55.000 нарачки за новиот 308. Во согласност со стратешката определба на Французите, да ја позиционираат марката поблиску до премиум сегментот, повеќето од нарачаните модели се со повисоките нивоа на опрема. Напролет ќе се придружи втората каросериска изведба, комбито 308 SW.
Девет мотори се на располагање во гамата на моделот, од кои четири бензински и пет дизелски. Премиера во гамата, во моделот 308 SW, ќе доживее новиот трицилиндарски бензинец од 1,2 литар со турбонатполнење и 130 КС, заедно со уште три мотори BlueHDi, вклучувајќи го новиот дизел од 1,6 литар и 120 КС со емисија од само 82 грама СО2 на километар, што е рекорд во класата.
















