По пет години од почетокот на продажбата, втората генерација на Peugeot 3008, што се вбројува меѓу најдобро продаваните модели на марката, веќе прославува еден милион произведени примероци во фабриката во Сошо.
Првиот Peugeot 3008, претставен пред повеќе од 13 години, беше кросовер, сегашниот Peugeot 3008 е СУВ. Бројни решенија и пионерски чекори што се воведоа кај кросоверот, беа усовршени и совршено се вклопија во СУВ моделот што првпат се појави на пазарот во 2016 година. Тоа важи за кокпит, важи и за хибридниот погон со посебен електромотор за задната оска. Токму тоа наследство направи Peugeot 3008 SUV да биде моќен автомобил во конкурентската битка.
Освен во Европа, Peugeot 3008 се произведува и локално за кинескиот пазар. Откако се појави на сцената, компактниот СУВ во конкуренција на Tiguan, RAV4 и Sportage освои дури седумдесет и шест награди на светската сцена. Највисокото одликување е насловот за Автомобил на годината за 2017 година во Европа.
>>> Peugeot 3008 на нашата тура низ Мариово
Во Франција, Peugeot 3008 е водечки модел во својот пазарен сегмент уште од првиот месец во продажба. Во Европа, тој е втор најпродаван СУВ во 2021 година. Моделот настапува моќно и во Јужна Европа, особено во Португалија, каде што е најпродаван модел во сегментот. Во Шпанија и во Италија, „3008“ е втор најпродаван СУВ.
Peugeot 3008 SUV во 2018 година беше автомобил што во Франција се произведе во најголем број примероци
Европа учествува со околу две третини (65%) во продажбата. Главни пазари надвор од Европа се Турција, Израел, Јапонија и Египет. Уште еден податок што говори многу за високиот углед на моделот е учеството од преку 80% на моделските изведби со автоматски менувач. За најопремените изведби се решаваат 38 проценти од возачките и возачите.
СУВ-лавот ја оправдува својата позиција со тоа што нуди изобилство од системи за асистенција – вклучувајќи и систем за ноќно гледање што алармира кога има пешак на патот, уште долго пред светлата на возилото да откријат дека има човек на патот. Посебност на Peugeot 3008 му даваат и i-Cockpit, средишниот дисплеј од 10 инчи, двете моделски изведби со приклучен хибриден погон.