за

РСБСП: Ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди

Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот порачува да се разбуди свеста и да се каже стоп за смртта на патиштата.

На 21-ви ноември годинава се одбележува светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди. Денот е посветен на милиони лица кои во изминатите години трагично го загубија животот на патиштата ширум светот.

Секој загубен човечки живот предизвикува тага и болка за членовите на семејството, роднините и пријателите на починатото лице, но и за многумина други, а загубените човечки животи, за кои причина се сообраќајните незгоди, носат дополнителна тежина затоа што загубите и повредите во сообраќајот се ненадејни, насилни и трауматски настани.

Годишно, 1,3 милион луѓе во светот го губат животот во сообраќајни незгоди, а 20 до 50 милиони лица се здобиваат со повреди. Тоа значи дека како последица од сообраќајни незгоди, дневно умираат над 3.500 лица, односно на секои 25 секунди едно лице го губи животот во сообраќајна незгода.

Според статистиката, голем дел од жртвите и повредените лица во сообраќајни незгоди се деца и млади. На светско ниво, годишно околу 400.000 млади лица на возраст до 25 години го губат животот во сообраќајни незгоди, односно околу 1.100 млади лица дневно.

Сообраќајните незгоди претставуваат прва причина за смртност за лицата на возраст од 15 до 19 години, втора причина за смртност за лицата на возраст од 10 до 15, како и од 20 до 24 години, и трета причина за смртност за лицата на возраст од 5 до 9 години.

Во Република Македонија, се намалува бројот на загинати во сообраќајни незгоди. Илјадници луѓе, секоја година се здобиваат со повреди во сообраќајни незгоди!

За да се сврти вниманието на трагичните последици од сообраќајните незгоди, за да се изрази почит кон загинатите и солидарност кон нивните семејства, како и да се подигне свеста за фаталните последици од неодговорното однесување во сообраќајот, Организацијата на Обединетите Нации (ООН) усвои резолуција со која повикува во третата недела од месец ноември да се одбележува Светски ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди.

Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди има цел да потсети на сите загинати лица во сообраќајни незгоди, да им се даде помен на истите, но и да се допре до свеста на сите учесници во сообраќајот со цел тие да размислат за сопствената одговорност, како и за последиците од сообраќајните незгоди. 

Да не се заборави дека секоја година нови настрадани, загинати и повредени лица, се додаваат на милиони кои веќе страдаат како  последица од сообраќајни незгоди.

Затоа РСБСП упатува апел: „Да ја намалиме црната статистика на патиштата, да го направиме сообраќајот побезбеден, да тргнеме од себе, од сопствените грешки и од сопственото однесување во сообраќајот.

>>> Колку алкохол е премногу алкохол?

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Испорачан 300-от примерок од електричниот камион Fuso eCanter

Peugeot 3008 стана милионер: Голем јубилеј во фабриката во Сошо