Peugeot и локалниот дистрибутер за марката ќе градат погон за монтажа на пикапи во Тунис. Проектот ќе стартува во средината на 2018 годна и предвидува годишен волумен од 1200 примероци од пикапот за тунискиот пазар.
Северноафриканскиот пазар е следниот регион кадешто групацијата PSA ќе продолжи со реализација на својот план Push to Pass за подобрување на профитабилноста во работата. Peugeot потпиша спогодба со локалниот дилер Stafim за отпочнување со монтажа на пикап во средината на 2018 година. Детали околу пикапот засега не се откриваат, единствено се шпекулира дека како основа би можела да се искористи Toyota Hilux. Спогодбата е потпишана во рамките на инвестициската конференција „Тунис 2020“, во присуство на тунискиот претседателот Беџи Каид Есебси и францускиот премиер Мануел Валс
Со годишен промет во висина од над 250 милиони евра, групацијата PSA е важен актер во развојот на автомобилската индустрија во Тунис. Француската групација со своите марки Peugeot, Citroen и DS е лидер во автомобилската бранша во земјата на северот на Африка. Планот предвидува вкупната продажба на возила од трите марки во Африка и Средниот Исток да достигне 700.000 примероци до 2021 година. Како дел од овој план, во 2019 година ќе започне и изградба на фабрика на Peugeot и Citroen во Мароко.
















