Автомобилските производители јурат кон иранскиот пазар по ослободувањето од санкциите. Peugeot и неговите две марки планираат да освојат голем дел од пазарот кој се проценува на два милиона возила до 2022 година.
Групацијата PSA и Iran Khodro се спогодија за изградба на заедничка фабрика во којашто ќе се произведуваат актуелните модели на Французите, наменети за овој пазар на којшто марката Peugeot има мошне долга традиција и солидно пазарно присуство. Се проценува дека моментно низ државата активно циркулираат над 4 милиони возила од марката со лавот.
Партнерите ќе учествуваат со половина во вкупната инвестиција од 400 милиони евра во следните пет години, наменета за изградба на нови погони и центар за истражување и развој. Во првата фаза, во иранската фабрика ќе се произведуваат Peugeot 208, 2008 и 301. Партнерот Iran Khodro ќе може врз платформата од овие возила да изведува и сопствени моделски верзии. Од фабриката во близина на Техеран ќе се опслужува целиот регион. Првите возила од новата генерација ќе стартуваат со продажба во втората половина од следната година.
Иранскиот пазар достигна рекорден 1,6 милион продадени возила во 2011 година. Во следните неколку години се очекува да се врати ова ниво и да достигне 2 милиони возила до 2022 година. Регионот на Средниот Исток и Африка е третиот најбрзо растечки интернационален пазар на француската групација.
















