за

Европскиот автомобилски пазар во 2023 повторно ќе расте

Аналитичарите очекуваат пазарот на патнички автомобили годинава да се зголеми за 13 проценти, но можната рецесија создава голема неизвесност околу побарувачката.

Европската автомобилска индустрија во 2022 се соочи со една од своите најлоши години во поглед на бројот на продадени возила. Пазарните аналитичари предвидуваат дека пазарот во 2023 година повторно ќе расте.

Според аналитичарите од Dataforce, продажбата на патнички автомобили годинава ќе се зголеми за 13 проценти. На 30-те пазари во ЕУ, во Велика Британија, Исланд, Норвешка и Швајцарија, се очекува продажбата да достигне 12,7 милиони автомобили. Растот се очекува да биде постигнат преку продажба на возила за рентакар компаниите, како и преку акумулираната побарувачка од приватните купувачи и зголемениот број на возила што ќе ги регистрираат дилерите и производителите.

Од ACEA, здружението на производители на автомобили во Европа, очекуваат продажбата на патнички автомобили во 26 држави на ЕУ да се зголеми за 5 проценти, на вкупно 9,8 милиони возила.

Во почетокот на месецот, од консултантската куќа LMC Automotive објавија дека нивните очекувања за пазарот во Западна Европа се раст од 7,8 проценти и вкупно 10,95 милиони возила.

Во своите предвидувања, ACEA и Dataforce посочуваат дека дури со очекуваниот раст, продажбата ќе биде далеку под нивото во 2019 година, пред пандемијата. Од Здружението на производители велат дека продажбата ќе биде 25 проценти под 2019 година, додека експертите на Dataforce сметаат на 19 проценти пониска продажба во споредба со годината пред пандемијата.

Генералната директорка на ACEA, Сигрид де Врис, на настанот што се одржа во четвртокот во Брисел, во чест на преземањето на претседателската функција на Здружението од страна на извршниот директор на Renault, Лука де Мео, изјави дека „уште сме во кризна ситуација“.

Продажбата на возила на европскиот пазар лани беше пониска за 4,1 проценти во споредба со 2021 година. Гледано само во земјите на ЕУ, пазарот опадна за 4,6 проценти. Повеќето производители на автомобили сепак забележаа солидна добивка, затоа што во кризата со микрочипови дадоа првенство да се произведуваат поскапите модели, на коишто постигнуваат поголема заработка.

Во Dataforce ценат дека растот во 2023 година ќе се постигне и покрај тоа што економските услови се „далеку од поволни“, вклучувајќи го и растот на цените на енергијата. Најголемиот процентуален раст се очекува да го постигнат рентакар компаниите, што уште ги немаат целосно обновено своите возни паркови уште од 2020 година. Приватните патувања тогаш нагло опаднаа поради ограничувањата што беа воведени во пандемијата.

Додека производителите на автомобили можеа да го продадат буквално секој автомобил што ќе го произведеа во последните 18 месеци, поради долготрајната криза со микрочипови, во 2023 година се очекува тие да се соочат со поголема конкуренција. Недостигот од микрочипови почнува да попушта, меѓу другото и поради тоа што опаѓа побарувачката за производи од потрошувачката електроника. Од друга страна, конкуренцијата се заострува, затоа што неколку кинески производители, главно BYD, притискаат силно да се пробијат на европскиот пазар.

„Пазарот на продавачите постепено се враќа за повторно да биде пазар на купувачите“, велат од Dataforce, посочувајќи на тоа дека со зголемувањето на бројот на возила што ги регистрираат производителите и дилерите, повторно ќе може да им се нудат попусти на купувачите.

Но, треба да помине извесно време додека почне новиот круг попусти кај дилерите, затоа што прозиводителите на автомобили мора да ја произведат огромната количина возила што се нарачани. За таа количина да се произведе, ќе мине речиси цела година. Тоа исто така ќе придонесе за пазарот во 2023 година да забележи раст.

Еден од секторите во коишто ќе забави растот се електричните возила, односно батериските електрични возила и приклучните хибриди. Dataforce го образложува ова предвидување со фактот што и покрај напливот од нов модели, цените на електричните возила остануваат високи, а мрежата од полначи за електрични автомобили не се гради доволно брзо. Друг фактор е зголеменото производство на модели со мотор со внатрешно согорување, што се поевтини, и на коишто производителите ќе ставаат нагласок, за да ја покријат побарувачката за возила од купувачите што во изминатиов период го одложуваа купувањето автомобил.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ferrari очекува зголемен профит, се бара возило повеќе

Alfa Romeo Tonale со 280 КС на тест кај Ф1-пилотите