за

Alfa Romeo Tonale со 280 КС на тест кај Ф1-пилотите

Возачите на Alfa Romeo во формула 1, Валтери Ботас и Џоу Гуанју, ја ставија на вистински тест најсилната изведба на хит-моделот на миланската марка, Tonale Hybrid Q4.

Возачите на тимот на Alfa Romeo во најбрзиот циркус на светот, Валтери Ботас и Џоу Гуанју, имаа задача да возат слалом со Tonale Q, меѓу чунови што светнуваат ненадејно и симулираат „врата“. Тоа е најверодостојниот тест за управливоста на еден автомобил.

Тимот на Alfa Romeo во формула 1 одржа состанок во фабриката на Sauber Motorsport во швајцарскиот Хинвил. На состанокот се договараше стратегијата за претстојното првенство. Италијанците ја завршија ланската сезона на шестото место, што е најдобар пласман во последната деценија.

Ф1-пилотите Валтери Ботас и Шоу Гуанју ги чекаше новата Alfa Romeo Tonale Plug-In Hybrid Q4. Нивна задача беше да ги проверат агилноста, управливоста и возните својства на компактниот СУВ-модел. Главниот тест беше возачите да изведат слалом меѓу светлечки чунови на тркачка патека, со тоа што парови од по два чуна светнуваа ненадејно, а Ботас и Гуанју требаше да поминуваат меѓу нив.

Tonale Plug-In Hybrid Q4 е најновата моделска изведба во гамата на СУВ-компактот што смени многу нешта во италијанската марка, од прв модел со елеткромотор во погонот, до убедлив впечаток за квалитетна изработка, што не беше секогаш одлика на италијанската спортска марка.

При поаѓање со полна батерија, спортскиот хибрид прво вози 79 километри чисто на електрична енергија, а потоа продолжува со комбиниран погон и на стоте изминати километри ќе испушти само 26 грама СО2 на километар. Со тоа, Tonale Plug-In Hybrid е најштедливата Alfa Romeo во историјата.

New item by Automedia MK / Google Photos

Системската моќност од 280 КС се огледува во спринтот од место до темпо сто за 6,2 секунди. При возење чисто на струја, брзината е ограничена на 130 km/h, додека максималната брзина во хибриден погон изнесува 206 km/h.

Посебноста на погонот е во електромоторот што ја задвижува задната оска, кога има потреба да се обезбеди дополнителна тракција, било да станува збор за силно забрзување, или за возење по лизгава подлога.

New item by Automedia MK / Google Photos

Alfa Romeo Tonale летоска беше на тест во воведната и ексклузивна изведба Speziale, во меѓувреме се чека Милано да ги отвори книгите за нарачки за основните моделски изведби.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Европскиот автомобилски пазар во 2023 повторно ќе расте

Најпроизведуван автомобил во Франција лани е … Toyota Yaris Cross