Големата побарувачка за моделите од коишто заработува најмногу, како што е новиот Purosangue, со цена од 390.000 евра, е причина за Ferrari да ги помести предвидувањата за тековната деловна година.
Според новите планови, италијанскиот производител на автомобили очекува дека годинава ќе постигне добивка во висина до најмногу 2,18 милијарди евра, без платени даноци, камати, девалвација и амортизација. Во јуни, плановите беа дека добивката годинава ќе се движи до најмногу две милијарди евра.
Ferrari во меѓувреме ги објави и бројките за продажбата во четвртиот квартал и оперативниот профит, коишто се далеку над тоа што го предвидеа аналитичарите. Пречистената оперативна добивка за последното тромесечје лани се искачи на 469 милиони евра. Тоа е далеку над просекот од предвидувањата на аналитичарите, од 451 милиони евра.
Прометот се искачи на 1,37 милијарда евра, повеќе од 1,29 милијарда евра колку што предвидуваа аналитичарите.
„И покрај комплексното глобално макро-сценарио, продолжуваме со голема верба“, изјави извршниот директор Бенедето Виња, додавајќи дека компанијата доживува „трајно висока побарувачка за нашите производи ширум светот.“
Ferrari ги покачи цените на некои свои модели и извлекува корист од богатите клиенти што не се толку силно погодени од растечката инфлација и од високите камати.
Компанијата се подготвува да се префрли на електрични возила и својата историска фабрика на северот на Италија да ја претвори во центар за батериски електрични автомобили.
Продажбата на возила рани се зголеми за близу една петина, со најголем раст во Кина и во Америка. За годинава се очекува прометот да достигне 5,7 милијарди евра
Првиот модел на Ferrari со целосно електричен погон се очекува за 2025 година. Во втората половина од следната деценија, батериски електрични и приклучни хибридни модели ќе доминираат во понудата на Маранело.
View this post on Instagram
Трите модели со приклучен хибриден погон, спајдерот 296 GTS, купето 296 GTB и Stradale SF90, учествуваа со 22 проценти во продажбата на марката лани.
Ferrari во септември во претстави Purosangue, како свој прв модел со четири врати, повеќе конципиран како кросовер, отколку како СУВ.
Виња соопшти дека плановите за четириседот Purosangue се одвиваат според предвидувањата и првите возила ќе им бидат испорачани на клиентите во вториот квартал.
„Нарачките за Purosangue се на исклучително високо ниво; далеку над очекувањата“, кажува шефот.
Ferrari на своите вработени ќе им го исплати највисокиот бонус во последниве години. Околу 5.000 вработени ќе добијат по максимално 13.500 евра како бонус за успешното работење на компанијата. Тоа е за 12,5 проценти повеќе од лани.