за

Париз гласа за трипати поскап паркинг за СУВ

Гласањето доаѓа во период кога француската престолнина ги проширува велосипедските патеки и мрежата за поддршка на возењето велосипед.

Парижани во неделата излегоа на референдум, за да го искажат својот став околу намерата да се воведе трикратно повисока цена за паркирање на големите СУВ. Француската престолнина без колебање се движи во насока на исполнување на долгорочниот план, што предвидува Париз да стане град што целосно ќе биде покриен со велосипедски патеки и со мрежа за подршка на возењето велосипед.

Околу 54,5 проценти од парижаните гласаа за мерката, додека 45,5 проценти гласаа против. Според конечните резултати, само 5,7 проценти од гласачкото дело излегло на гласањето што го организираше општината.

Референдумот што следи по помалку од една година откако граѓаните гласаа за забрана за е-тротинети, имаше за цел да се воведе трикратно повисока цена за паркирање за автомобили потешки од 1,6 тон. Цената треба да изнесува 18 евра за час, со цел да се обесхрабри користењето „масивни автомобили што загадуваат“, објавија од Градското собрание.

Новата цена би се однесувала и на електричните автомобили што се потешки од два тони.

„Горди сме што поставивме клучно прашање за животната средина, во време кога животната средина се претставува како извор на сето зло“, кажа градоначалничката Ан Идалго, по објавувањето на резултатите. „Тоа е своевиден отпор тука во Париз, за ова загрижувачко движење.“

Во времето на владеењето на Идалго, од редовите на социјалистите, париските улици се видоизменија. Од 2020 година се поставени нови велосипедски патеки во должина од 84 километри. Користењето велосипеди се зголеми за 71 проценти, гледано од времето кога заврши пандемиското затворање, до 2023 година.

„Дали навистина ти е потребно да возиш СУВ во Париз?“ прашува Жулиет Бруле, 27, на гласачко место во близина на Монмартр. „Мојот син го возам на велосипед, најдовме решение.“

Промените сепак предизвикаа гнев кај возачите. СУВ стекнаа голема популарност во Франција, посебно омилени како семејно возило.

„Тоа ќе чини 200 евра дневно. Тоа е исклучително скапо. Животот е скап, децата се скапи“, кажува Лора Пикар, 37.

„Целта е да престанеме да ги користиме нашите автомобили, но нашиот автомобил ни е потребен да излеземе од Париз за време на празниците и викендите.“

Групата за подршка „40 милиони автомоблисти“ излезе со петиција, за на граѓаните да им се даде слобода да изберат возило какво што сакаат.

„Мораме остро да се спротивставиме на ваквите напади врз слободата, коишто лажно се прикажуваат како зелени“, кажуваат од групата. „Ако тоа не го запреме сега, ова неправедно одметништво што е предводено од ултраурбаното и антиавтомобилско малцинство ќе се шири како гангрена низ останатите градови.“

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Стелантис ги демантира гласините дека ќе се спојуваат со Рено

Концернот на Волво лансира 11 сателити за водење автономни автомобили