Концернот на Волво лансира 11 сателити за водење автономни автомобили

Џили е еден од кинеските производители што го засилуваат присуството во Европа. Концернот од неодамна е присутен и на македонскиот пазар.

Кинескиот концерн Џили, каде што меѓу другото спаѓаат Волво, Лотус и други големи марки, лансираше 11 сателити во ниска орбита. Тоа е веќе втората фаза на Џили, во намерата на концернот да го прошири својот капацитет и да обезбеди најпрецизна навигација за автономните автомобили.

Сателитите беа лансирани во саботата од сателитскиот лансирен центар Сичан, во југозападната провинција Сечуан, објави Џили во соопштението што го испрати до Ројтерс.

Џили очекува до 2025 година да има 72 сателити во орбитата, а планот за натаму е констелацијата да опфаќа дури 240 сателити.

Првото лансирање беше извршено во јуни 2022 година.

Покрај тоа што ќе обезбедува најпрецизно одредување на положбата на возилата што управуваат самостојно, мрежата на Џили ќе служи и за други комерцијални намени, како на пример обезбедување поврзливост за секаков вид електронски уреди.

Сателитите располагаат со функции за далечинско мерење со помош на вештачка интелигенција, односно тие можат да снимат слики во висока резолуција со големина меѓу 1 и 5 метри. Според Џили, оваа технологија ќе воведе револуција во надгледувањето на животната средина и ќе овозможи нови услуги за голем број индустриски гранки.

Кинеските сателитски мрежи главно се под контрола на војската, меѓутоа властите уште во 2014 година почнаа да дозволуваат и приватници да вложуваат во вселенската индустрија на Кина.

Комерцијалните компании, од кои голем дел уживаат поддршка од локалните власти, оттогаш се втурнаа во секторот и главно се насочени кон производство на сателити. Помал дел од компаниите се насочени кон прозиводство на мали лансирни возила, во коишто ќе може да се користат ракети со повеќекратна примена.

Во тековната петолетка, од 2021 до 2025 година, Пекинг повика на создавање заедничка мрежа од сателити за комуникација, далечинско мерење и навигација.

Кина досега има лансирано преку 400 сателити во вселената, вклучувајќи комерцијални сателити.

Модели од концернот што се достапни во моментов и располагаат со технологија за сателитска комуникација се Зикр 001 ФР, Зикр 007 и Џили Галакси Е8.

Претходна објаваПариз гласа за трипати поскап паркинг за СУВ
Следна објаваАлфа Ромео им е слабост на Швајцарците

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here